
Музички перформанс на Мијата на 15 мај во Филхармонија
Во малата сала на Филхармонија в среда, на 15 мај ќе се случи несекојдневен музички перформанс на македонската кантавторка Mијата (МIYATTA). Концертот е во рамки на петтото издание на Скопски градски фестивал, во организација на „Баги комуникации“.
Препорачано
„Mијата е е уникатна појава на македонската музичка сцена, како со препознатливиот музички израз, така и со оригиналните, театрални сценски настапи. Мијата е кантавтор, создава ангажирани текстови и умешно интегрира различни форми во својата музика. Нејзините настапи се спој на музика и театар за целосно доживување на публиката. Многумина ја споредуваат со Кејт Буш (Kate Bush), заради нејзините вокални и визуелни интерпретации“, велат од Баги комуникации.
Mијата има издадено два албуми, „Небеска„ и „Вида„ кој се појави оваа година и наидува на одлични реакции кај балканската музичка критика.
„Возбудена сум за претстојниот концерт и повторна средба со публиката. Концертот ќе биде комбинација на песни од двата мои албума во една акустична и бохо-атмосфера, која ќе ѝ направи на публиката да се чувствува како дома. Секогаш тргнувам од помислата што би сакала јас да видам, да чујам, да доживеам… Но најважно од се ми е да ја задржам автентичноста“, вели Мијата
На концертот публиката ќе има можност да ги види и гостите Нина Јанева, Мухамед Ибрахими, Александар Пешевски, Теодора Гошева Капсарова, Никола Стојмановиќ, Гоце Вангеловски и уште неколку изненадувања кои организаторите не сакаат да ги откријат.
„Ова е мал, но значаен јубилеј за нашиот фестивал. Исто како и претходните години и оваа фокусот го ставаме на домашните изведувачи. Сметаме дека негувањето и поддршката на домашната сцена е суштинска во овие времиња на голем наплив на музика со сомнителен квалитет. Соработката со Mијата е нешто на што работевме изминатата година, таа е исклучителен професионалец и голем креативец“, велат организаторите Баги комуникации.
Mијата деновиве е актуелна и со соработката со македонската музичка атракција „Брас брадрс“ (Brass Brothers) на нивната најнова песна „I Wanted More“ каде таа е текстописец и вокал.
Јубилејното петто издание на „Скопски градски фестивал“, понуди возбудлива и исклучително квалитетна програма во организација на Баги комуникации, со три фестивалски вечери, на 7, 9 и 15 мај. Фестивалот беше отворен на 7 мај во камерната сала на Филхармонија, каде настапија гитарското дуо „Роџерс и Харисон“ и битолската група „Код 369“. Втората фестивалска вечер се одржа на 9 мај во Младинскиот културен центар во Скопје. На програмата беа три концерти, на групата „Бла-бла-бла“, Мухамед Ибрахими и средношколскиот бенд „3rd Brigade“, со ученици од „American High School“ – Скопје, како и изложба на авантгардни колажи од уметницата Марга Рита.
Со концертот на Mијата на 15 мај ќе биде затворено ова издание на фестивалот.
Концертот ќе започне во 20 часот, а билетите по цена од 800 денари можат да се набават преку www.bileti.mk.
Фестивалот е поддржан од Комерцијална банка, Министерство за култура, Смарт ливинг, а медиумски покровители се Слободен Печат и Радио Бубамара.
(Комерцијален текст)