Плакат за „Локум фест 2024“

Музичка средба на културите традиционално ќе се случи на „Локум фест“ во Битола

Со концертен настап на македонскиот гитарист Мухамед Ибрахими на платото на Офицерски дом – КИЦ Битола, на 17 јули, со почеток во 20:30 часот, ќе биде отворено 18-то издание на Балканскиот етно-фјужн фестивал „Локум фест – музика и традиција“.

Поради неговата автентичност и континуитет „Локум фест“ е препознатлив како на регионално така и на европско ниво. Фестивалот е член на неколку професионални фестивалски асоцијации, меѓу кои и европската „MOST Music“.

Својот зародиш фестивалот го има во старата Битолска чаршија, од каде и ја црпи инспирацијата, на локумот и кафето како синоним за средба на културите, и негува концепт на промовирање музички стилови од традиционална староградска музика, до ладино, етно-фјужн и „ворлд мјузик“.

Во изминатите седумнаесет години на „Локум фест“ настапиле преку 100 музички ансамбли од преку 25 земји од регионот и светот. На сцената во старата чаршија, Офицерски дом, Завод и Музеј – Битола, Хераклеја, Широк сокак, настапувале речиси сите релевантни музички имиња од Македонија, како: „Баклава“, „Чалгија саудн систем“, „Љубојна“, „Монистра“, Тони Китановски и „Черкези оркестар“, Зоран Џорлев, Стевче Стојковски, Драган Даутовски, Вања Лазарова итн.

Карактеристично за „Локум фест“ е што користи културно-историски локации како отворени сценски простори, едновремено промовирајќи ги како културно-туристички атрибут. Фестивалот припаѓа на групата „heritage festivals“, промовирајќи живо културно наследство како дел од колективната меморија.

Изминатите години беа оддржани 17 саеми на креативна индустрија со ЗУР „Македонски ракотворби“, како и изложби на раритети од семејни колекции и од Државен архив на Македонија, одделение Битола.

Годинава фестивалот го одбележува своето „полнолетство“, а програмата е конципирана со музички настани кои во себе кријат амалгам на култури и влијанија типични за регионот и овој дел на Европа.

Музичарот Мухамед Ибрахими е мултиинструменталист на жичани инструменти од Скопје. Својата гитара (мандолина, саз итн.) ја третира на многу неконвенционален начин, доста интуитивен и инспиративен.

Со седиште во Монтреал, седумте членови од Бугарија и Украина на бендот „Думаи дунаи“ ги комбинираат длабоките тонови на даб со енергијата на панк-рокот, сировата екстаза на разнесените балканските дувачки оркестри и радостите и тагите на украинската селска полифонија. Водечките вокали Наталија Теленцо и Ели Камило пеат и пишуваат стихови на неколку јазици, вклучувајќи украински, англиски, српски, полски, шпански, македонски и латински.

Дамир Имамовиќ, кој ќе настапи на 18 јули, е светски познат босански музичар, добитник на наградата „Најдобар уметник на Европа“ во 2021 година на доделувањето на Светските музички награди во организација на британскиот музички магазин „Songlines“. Тој се етаблира како водечки глас во современата севдах музика и продолжува да создава иновативни пристапи кон преподобната традиција. Роден во семејство на севдах музичари во Сараево, тој стана добро познат претставник на новата генерација традиционални музичари во Босна и Херцеговина и во регионот.

Зарина Првасевда е македонски уметник, вокален изведувач и музичар кој изведува и македонска и светска традиционална музика. Таа ја црпи својата инспирација од природата, од секојдневието на античките луѓе низ историјата, во споредба со она што го живееме денес; од тековната културна и емоционална еволуција, како и од карактеристичните култури на луѓето за кои таа се интересира и постојано ги истражува.

На 19 јули ќе настапи триото „Синафи“, основано од три грчки музичари кои се запознале во Истанбул, Турција. Триото ја вклучува Фотини Кокала на канун; Марина Лионту на ут; и Елена Мудири Хасиотоу на вокал и перкусии. Триото пее приказни за егзил, разделба, љубов и радост на турски, грчки, азербејџански, ерменски, курдски и сириски јазици. Влијанијата на „Синафи“ доаѓаат од Кападокија, Тракија, Егејското Море и урбаниот Истанбул.

Изненадувањето на овогодинешното издание на „Локум фест“ се „Фолкатомик“, италијански фолктроник квартет со повеќе идентитети. Квартетот комбинира електронски авангардни звуци со елементи на традиционалната музика од јужна Италија и Медитеранот. Резултатот е оригинален настап во живо каде традиционалните инструменти и синтисајзери и електроника се среќаваат на сцената за да создадат глобално и локално чувство на енергија што ве тера да танцувате и повторно да се поврзете со длабокото и древното.

Фестивалот „Локум фест“ е проект од национален интерес финансиран од Министерство за култура и Општина Битола, а поддржан во програмскиот дел и од Амбасадата на Р Италија во Скопје, Италијанскиот институт за култура во Белград и Генералниот конзулат на Р Грција во Битола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот