Боботи, Фото: Instagram

Мусака во ново руво: Кој би рекол дека и во Јужноафриканската Република се јадат наши специјалитети?

Рецептот потекнува од индонезиско јадење наречено боботок, кое Индонезијците го однеле во Јужна Африка во 16. век, кога превезувале зачини и робови во земјата

Боботи е јужноафриканска „мусака“, направена од мелено говедско или јагнешко месо, билки, зачини, кари во прав, овошје и завршен слој од јајца, со мирис на цимет или морско оревче. Полна е со добро избалансирани вкусови: слатки и овошни од грозјето и шеќерот, зачинета од кари и куркума, кисела од лимонот и солена од месото. Денес, боботи е толку популарен оброк, што има главна улога на празничните трпези и може да се најде во повеќето јужноафрикански ресторани, каде што традиционално се служи со зеленчук, жолт ориз (бел ориз со куркума) или бел ориз готвен на пареа кој ги впива богатите сокови кои истекуваат од исеченото парче на мусаката.

Потребни состојки:

– 1 парче бел леб (рустичен тип), исечен на мали парчиња со големина на залак
– 1 чаша млеко
– 2 лажици путер
– 1 кг мелено јагнешко (ако не можете да набавите јагнешко, заменете со говедско)
– голема главица ситно исечкан кромид
– 2 лажици кари во прав
– 1 лажица кафеав шеќер
– 1 лажичка сол
– 1/2 лажичка свежо мелен црн пипер
– 1/4 чаша исцеден свеж сок од лимон
– 3 јајца
– 1 јаболко со средна големина, излупено, исчистено и ситно рендано
– една шака суво грозје без семки
– 1 шака бадеми, грубо исечкани
– 4 мали лисја ловор

Фото: Instagram

Начин на подготовка:

Прво, загрејте ја рерната на 150 степени и комбинирајте млеко со леб во мала чинија, оставајќи го лебот да кисне 10 минути. Додека млекото се впива во лебот, започнете со подготовка на месото. Растопете го путерот на средна температура во тава, за да не изгори. Откако ќе се смири пената, додајте го месото. Додека готвите, постојано мешајте и внимавајте да не се прават грутки. Кога месото нема да биде розово, извадете го од тавата и ставете го во длабок сад. Направете го тоа со лажица со дупки, бидејќи ќе ви треба преостанатата маснотија за да ги готвите другите состојки.

Сега, извадете ги маснотиите од тавата, освен количина од околу две лажици, и додајте го кромидот. Гответе го кромидот, постојано мешајќи, околу 5 минути. Ова треба да го правите сѐ додека не омекне кромидот. Потоа, додајте му кари во прав, шеќер, сол и бибер и мешајте од 1 до 2 минути. Во овој момент, додајте сок од лимон и оставете да зоврие, а потоа смесата префрлете ја во садот со месото.
Ставете сито над садот и исцедете го лебот. Осигурајте се дека сте ја исцедиле целата течност, оставајќи го лебот целосно сув. Чувајте го исцеденото млеко за подоцна.

Почнете да ги додавате преостанатите состојки во месото: леб, едно јајце, јаболко, суво грозје и бадеми, а потоа сѐ замесете со раце или со дрвена лажица. Кога смесата ќе ви биде добро измешана, проверете ја зачинетоста и посолете по желба. Префрлете ја смесата во сад за печење и измазнете ја површината. Следно, веднаш под неа ставете ловоров лист.

Измешајте ги преостанатите две јајца со зачуваното млеко, додека не се запени, и потоа полека рамномерно истурете ги врз месото. Печете 30 минути во загреана рерна или додека горниот слој не стане златно-кафеав. Послужете додека јадењето сè уште е жешко, заедно со прилог од варен ориз.

Фото: Instagram

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот