
Муртезани учествуваше на панел за улогата на Албанците во европската интеграција и регионалната соработка
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска учествуваше на Амбасадорската конференција „#Diplo2025“, што овие два дена се одржува во Тирана, Албанија, а тој денеска беше говорник на панелот на тема „Албанците во регионот – заеднички идентитет, заедничка европска цел“.
Препорачано
Во своето обраќање, министерот Муртезани нагласи дека патот кон Европската Унија за земјите од Западен Балкан претставува избор на вредности и заедничка иднина, а не само технички процес. Тој истакна дека Северна Македонија останува цврсто посветена на европската агенда преку спроведување суштински реформи поддржани со Инструментот за претпристапна помош и Инструментот за реформи и раст во рамки на Планот за раст за Западен Балкан.
Министерот го истакнал значењето на Охридскиот договор од 2001 година, кој ја претвори Македонија во функционална мултиетничка демократија и овозможи активна политичка и институционална улога на Албанците во државата. Овој модел, како што подвлече, е доказ дека различноста претставува сила која ја зајакнува стабилноста и е вредност што се поклопува со европските стандарди.
Муртезани го посочил Коридорот 8 како симбол на интеграција и европска поврзаност, кој истовремено ја олеснува трговијата и ја зајакнува соработката меѓу државите од регионот.
Во своите пораки, Муртезани нагласи дека албанските заедници низ регионот имаат улога на природни мостови за дијалог и разбирање, кои придонесуваат за добрососедски односи; еден од клучните критериуми за членство во Унијата.