
Муцунски во Њујорк: Ги користиме можностите за афирмација на нашите позиции
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кој ја придружува претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на работната посета на Њујорк, изјави дека покрај тековните активности во Обединетите нации престојот во голема мера го посветил и на европските интеграции и на регионалната соработка.
Препорачано
„Имав билатерална средба со министерот за надворешни работи на Кипар, земја којашто од јануари ќе го преземе претседавањето со ЕУ. Зборувавме за потребата од засилена координација по тоа што е наш интерес односно конечно отпочнување на процесот на преговори со ЕУ, а исто така и за билатералната соработка, потенцијалите што ги имаме во туризмот, во трговијата, во политичката соработка“, изјави Муцунски по вчерашните средби во Њујорк.
Муцунски учествуваше и на повеќе настани поврзани со неколку регионални иницијативи, на појадокот организиран од министерот за надворешни работи на Италија, Тајани, како и на ручекот организиран од Регионалниот совет за соработка.
„Пред сè, ги користиме можностите за афирмација на нашите позиции, за ширење на тоа што за нас е значајно како политичка порака во Њујорк“, истакна министерот Муцунски.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера имаше средба со Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, изразувајќи почит кон „неговата улога како глас на разумот и правдата во време на големи глобални предизвици и тектонски промени во меѓународниот поредок“.
Сиљановска Давкова се виде со Гутереш во Њујорк, му кажала дека е „глас на разумот и правдата“