Тимчо Муцунски / Фото: Драган Митрески / Слободен печат

Муцунски денеска во Атина ќе се сретне со шефот на грчката дипломатија Герапетритис

Македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска во Атина ќе се сретне со шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис. Во фокус на средбата ќе биде економската и енергетската соработка меѓу двете земји, инфраструктурното поврзување, ЕУ перспективата на регионот, но и актуелните геополитички случувања.

Шефот на дипломатијата е во прва работна посета на Атина, а напладне ќе биде примен од неговиот грчки колега, по што во 14 часот по локално време двајцата министри ќе имаат изјави за медиумите.

– Во фокусот на разговорите се очекува да бидат идните активности за зајакнување на односите и соработката меѓу двете земји, со акцент на економската и енергетската соработка и инфраструктурното поврзување. Европската интеграција на регионот, како и актуелните геополитички случувања, исто така ќе бидат дел од темите за кои ќе се разговара, водени од заедничкиот интерес за зајакнување на регионалната стабилност и просперитет на двете земји како непосредни соседи и НАТО-сојузници, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во пресрет на средбата.

Високи грчки дипломатски извори, како што вчера објави МИА, посочија дека станува збор за навистина важна средба, но и дека Герапетритис и Муцунски имаат развиено „исклучително функционални односи“, дека имаат редовна комуникација и во обид, како што рекоа, да ги ограничат потенцијалните тензии по изборите кај нас.

Додадоа дека за Атина, Скопје е клучен сојузник и директен и важен сосед, но и дека Грција е силен поддржувач на нашата земја, објаснувајќи дека тоа го покажа и во пракса и на ниво на цивилна заштита со пожарите, на и по трагедијата во Кочани, а поддршката ќе продолжи и во иднина.

Герапетритис и Муцунски во Грција се сретнаа и на почетокот на април годинава на маргините на Економскиот форум во Делфи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот