
МТФ „Скупи фестивал“ ќе биде отворен со претстава на Националниот театар на Косово
Меѓународниот театарски фестивал „Скупи фестивал Скопје“ од 29 септември до 4 октомври ќе се одржи во своето 19-то издание во просториите на Албанскиот театар во Скопје, годинава под мотото „На крајот, секоја маска мора да падне“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Свеченото отворање на фестивалот ќе се случи на 29 септември, во 20 часот, со изведба на претстава од Националниот театар на Косово од Приштина. Во претставата „Брак“ од авторот Витолд Гомбрович во режија на Норберт Раковски играат актерите Арменд Смајли, Иљбер Барди, Менсур Сафќиу, Шеќерие Бучај, Шкљзен Весели, Ера Балај и Адурим Деми.
Во вторник, на 30 септември, во 20 часот, на програмата е претставата „Тврдина“ од авторот Меша Селимовиќ во режија на Андреа Беналјо и во продукција на „Ателјеркунчеон“ од Бергамо, Италија. Во претставата играат Андреа Беналјо, Винченцо Лонгарети, Гаја Бономи, Алина Фофанова, Мирко Таска, Срдан Ерак, Теодора Пајиќ.
Во среда, на 1 октомври, во 19 часот, на програмата е претставата „Жената на Макбет и јас 2.0“, со авторство и интерпретација на Мирел Кнез и во режија на Ник Упер, а во продукција на „Глобал театар“ од Љубљана, Словенија. Истата вечер, во 20:30 часот, ќе следува изведбата на „Бес за двајца или повеќе“ од Театар „Хера“, Истанбул, по текст на Ежен Јонеско во режија на Сенем Џевхер, а во улогите настапуваат Озкан Озен, Бесте Озен, Огуз Каан Кахраман.
На 2 октомври, четврток, во 20 часот, ќе гостува претставата „Дон Жуан“ од Жан Батист Молиер, во продукција на Народен театар од Ниш. Во режија на Васил Василев во улогите настапуваат Дејан Лилиќ, Драгиша Вељковиќ, Маја Вукојевиќ Цветковиќ, Андрија Митиќ, Урош Милојевиќ, Катарина Митиќ Павловиќ, Наталија Јовиќ, Данило Петровиќ, Марјан Тодоровиќ, Милош Митровиќ.
Во петок, на 3 октомври, во 19 часот, ќе се одржи перформансот „X“ од независниот театар „Јалта арт рум“ од Софија, каде автор и режисер е Бојан Крачалов, а интерпретацијата е на Васил Дуев – Туиг. Истата вечер, во 20:30 часот, ќе гостува претставата „Медеја“ од Еврипид на Народен театар „Иван Вазов“ од Софија. Во режија на Деклан Донелан во претставата играат Радина Карџилова, Велислав Павлов, Валентин Ганев, Асен Данков, Јавор Валканов, Стелиан Радев, Вера Табакова, Радена Валканова, Жорета Николова, Стефанија Колева, Елена Иванова, Надја Керанова, Ана Пападопулу и две деца актери.
На последната вечер на фестивалот на 4 октомври, во 20 часот, ќе биде изведена претставата „Половина – Животот на Марија Кири“. Автор на текстот е Лаурен Гундерсон, режијата е на Армела Демај, а во улогите настапуваат Уљка Мујо и Армела Демај. Продукцијата е на Театар „Метропол“ од Тирана, Албанија.
Комисијата за наградата за најдобра претстава на фестивалот е во состав: Замира Кита, актерка од Албанија, Сребра Ѓорѓијевска, новинарка за култура, и актерот Адриан Азири.
МТФ „Скупи фестивал“ е поддржан од Министерството за култура и туризам, преку Годишната програма за култура за проекти од национален интерес.
МТФ „Скупи фестивал Скопје“ и со ова издание ќе се одржи во просториите на Албански театар Скопје. Директор на фестивалот е Музбајдин Ќамили, претседател на уметничкиот совет е Сенко Велинов, уметнички директор е Осман Ахмети, членови се Куштрим Бектеши и Бетим Зекири, а координатор е Џанер Мусиќ. Изработката на видеоматеријали е на Бетим Зекири. И оваа година за дизајнот на „Скупи фестивал“ се погрижи „Eggra“.