Учебници Фото: МОН

МОН ќе набавува учебници по странски јазици, децата пет години учеа без нив

По пет години настава по странски јазици без учебници во основното образование, Министерството за образование и наука и Педагошката служба соопштија дека започнале постапка за набавка.

На јавниот повик, изработен согласно одредбите од новиот Закон за учебници во основното и средното образование, можат да се пријават странски издавачи преку домашни застапници и тоа за одобрување на учебници по Англиски јазик од прво до деветто одделение, како и за учебници по Француски, Германски, Италијански и Руски јазик од шесто до деветто одделение. Крајниот рок за пријавување е 28.3.2025 година, велат од министерството.

Според нивните најави, постапката за набавка на сите учебници по странските јазици целосно ќе заврши пред почетокот на следната учебна година.

Од МОН информираа и дека е објавен конкурс за изработка на нови учебници за седмо одделение, согласно новите наставни програми и тоа по предметите Биологија, Хемија, Физика, Географија, Граѓанско образование и Албански јазик како изборен предмет, но и учебници по изборниот предмет Јазикот и културата на Турците за сите одделенија од шесто до деветто. Рокот за пријавување е 31.3.2025 година.

„МОН и Педагошката служба ги повикуваат издавачките куќи да покажат интерес и да се пријават на повиците. Конкуренцијата е од исклучителна важност за обезбедување на квалитетни наставни помагала, кои ќе овозможат непречен воспитно – образовен процес. Сите учебници и натаму ќе останат бесплатни, со обврска за учениците да се грижат за нивната состојба и на крајот од учебната година да ги вратат на училиштето“, пишува во соопштението од МОН.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот