Згради станови / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Молк по одлуката на НБРСМ за новите станбени услови- градежниците ќе анализираат, па ќе излезат со став!

Од НБРСМ меѓу другото истакнаа и дека поволностите за прв дом ќе важат само за граѓани што немаат друг стан, не користат друг станбен кредит и кои ќе живеат во купениот стан. Градежните компании се уште не се подготвени за првични коментари дали новите станбени услови ќе влијаат врз намалување на цената на становите

Градежниците се уште не се подготвени за првични коментари дали новите станбени услови ќе влијаат врз намалување на цената на станбениот квадрат, откако Народната банка одлучи да ги раздвои условите за граѓаните што купуваат прв дом за живеење и оние што купуваат недвижности како инвестиција.

„Слободен печат“ се обиде да добие став од неколку поголеми компании што градат станови, но оттаму ни рекоа дека ја виделе најавата, но им треба време за анализа, по што здружени ќе излезеле со став. Дел од нив, неофицијално, сепак велат дека сè ќе зависи од расположливите средства и подготвеноста на граѓаните за да се приспособат кон новите услови.

Но, Менди Ќура, сопственик на градежната компанија „Трим и Лум“ од Струга за „Слободен печат“, се согласува дека Одлуката на НБРСМ е добредојдена и ќе им даде можност на младите брачни парови полесно да се стекнат со свој дом. Тој вели дека и каматите за станбените кредити биле високи и треба да се намалат.

-Секако дека ќе има влијание врз градежништвото, но и врз цените, но би им препорачал на институциите да водат сметка и да го контролираат спроведувањето на оваа одлука за да нема нејзина злоупотреба – ни рече Ќура.

За потсетување, гувернерот Трајко Славески вчера објасни дека од декември за купување прв стан, сопственото учество ќе биде најмалку 10 отсто од вредноста на недвижнината, наместо досегашните 15, а остатокот ќе го покрие банката. Односно, ако млад брачен пар купи стан од 100 илјади евра, ќе треба да обезбеди 10 илјади евра свои пари, а банката ќе финансира 90 илјади евра.

Правилото за „рата-плата“ останува исто, односно најмногу 55 отсто од месечната плата може да оди за отплата. Гувернерот додаде дека за оние што сакаат да купат втор стан, ќе важат многу построги правила. Тоа значи дека тие првично ќе треба да вложат најмалку 25 отсто сопствено учество, или за стан од 100 илјади евра, тоа се 25 илјади евра. Месечната рата, пак, се спушта на најмногу 50 отсто од платата.

НБРСМ се надева дека со ова ќе се стабилизираат цените на становите, чие поскапување беше двоцифрено во последните два квартала. Претходно, гувернерот Славески истакна дека десетици илјади станови се чуваат празни, но и дека ако не се преземат ригорозни мерки, еуфоријата на пазарот на недвижности ќе продолжи и натаму. Цените на становите во Скопје бележат рекорден раст, со скок од над 22 отсто само во првото полугодие од 2025 година. И покрај фактот што секој трет стан е празен, побарувачката сè уште ја надминува понудата, а квадратот во Центар надмина 3.500 евра.

Континуираниот тренд на зголемување на цените на недвижностите, кој се забележува во последните години, од Групацијата на агенции на недвижности при Стопанската комора на Северна Македонија го објаснија со неколку фактори, меѓу кои најзначајна улога играла инфлацијата. Од оваа Групација оценија дека како што трошоците за градежни материјали, работна сила и енергија растат, така се зголемувала и крајната цена на становите и на куќите.

– Побарувачката за недвижности останува стабилна, особено во урбаните центри како Скопје, Штип, Битола и Охрид, што дополнително придонесува за растот на цените. Во последниот период иако зголемувањето е благо и постепено, сепак не застанува. Паниката што се прошири меѓу граѓаните за раст во 2026 година заради зголемување на ДДВ, кај новоградбите не предизвика голема промена, бидејќи во согласност со најавите од надлежните државни институции, се очекуваат повеќе мерки во следниот период за ублажување на растот на цените – објаснија од Групацијата.

Од НБРСМ меѓу другото истакнаа и дека поволностите за прв дом ќе важат само за граѓани што немаат друг стан, не користат друг станбен кредит кои и ќе живеат во купениот стан. Ќе треба да достават нотaрски заверена изјава, податоци со адреса, како и сметки за комуналии. Ако се открие измама, банката ќе има право да ги промени условите и да ги смести во друга категорија.

Пред работниот состанок во Агенцијата за катастар, гувернерот на НБРСМ во август порача дека мора да се зголеми одговорноста на кредитобарателите што даваат изјави пред комерцијалните банки, какви што тоа се прави секаде во светот. Славески откри дека во моментот дури во 73 отсто од ваквите изјави стои дека се подига кредит за стан за живеење, но дека тоа е само формалност, која досега не е проверувана.

– Сите пишуваат дека купуваат стан за живеење и никој не проверува дали податоците за адресата на живеење се точни. Мора да се најде начин за да се издвојат оние што првпат купуваат стан и изјавите да имаат поголема материјална одговорност. Доколку се утврди дека изјавата е лажна, тоа во светот се смета за тежок прекршок и банката може да ве казни – објасни Славески.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот