
МОЕ ЛЕТО | За спас од медузи, на плажа носете патлиџани, вели министерката Јаневска
Во првата епизода на емисијата „Мое лето“ на „Слободен печат“ наша гостинка е министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска.
Препорачано
За неа омилено место за одмор е селото Слоештица во Демир Хисар, родното место на книжевниот великан Петре М. Андреевски. Како дете имала среќа со родителите и двајцата браќа да ја прошета Европа и уште како мала да го види Париз.
Министерката вели дела потекнува од традиционално семејство со вистински вредности.
-Ние и покрај тоа што бевме деца имавме некои мали обврски, кај нас дома беше така, секој имаше некакво задолжение, па и при подготвувањето за на одмор помагавме околу пакувањето. Се сеќавам, патувавме со автомобил, моите родители, нормално напред, а јас со моите браќа назад со по едно јаболко во рака. Патувавме со автомобил, па и самото патување на некој начин беше доживување, бидејќи секогаш се дискутираа длабоки теми. И возењето со автомобил до Хрватска, на пример, во тоа време беше многу поразлично од денес – вели таа.
За првпат на одмор со другарки од дома ја пуштиле на 18 години.
-Со другарките првпат сами, без родители, бевме на одмор во Охрид. Тогаш немаше „Охридско лето“, концерти и журки, но се забавувавме на еден друг начин карактеристичен за тоа време – вели Јаневска.
Како студентка на еден од најтешките факултети, Медицинскиот, таа вели дека никогаш не дозволила да го жртвува летото, напротив учела многу, но добро се организирала за да има време и простор и за забава.

Во „Мое лето“ таа го открива и филмскиот момент на запознавање со нејзиниот сопруг проф.д-р Владо Јаневски. Таа раскажува на кој начин се реласкираат и опуштаат лекарите и како изгледа еден одмор поминат во друштво со доктори, како и за неизбежните лекарски дискусии.
Неретко се случува да се најде во непријатна ситуација и како лекар да помогне некому кому му е неопходна помош, а од неа побаравме совет што да правиме во случај на убод од медуза.
– Во случај на убод од медуза, најдобро е да појдеме до аптека и да побараме соодветен лек, но не се исклучува и можноста на повреденото место да ставиме патлиџан. Во краен случај се случувало да помогнам и на тој начин, па луѓето се чуделе. Затоа, не е лошо во торбата за на плажа да ставиме и патлиџан -низ смеа вели министерката.
Последните години Лондон за неа е честа дестинација за одмор, откако едната ќерка живее и работи таму.
За тоа дали оваа година ќе најде време за одмор и колку откако е на функција ѝ се менуваат летата, срдечно ве покануваме да ги побарате одговорите во нашата емисија.
Погледнете ја првата епизода на емисијата „Мое лето“ на јутјуб-каналот на „Слободен печат“. Низ емисијата ќе ве води Александра Вуксановиќ.