
Младите во Хрватска последни од сите во ЕУ го напуштаат домот на родителите
Младите во Хрватска се последните во Европската унија кои го напуштаат родителскиот дом, со просечна возраст од 31,3 години, во споредба со европскиот просек од 26,2 години, објави денеска европската статистичка служба Евростат, објави Индекс.
Препорачано
Највисока просечна возраст за напуштање на домот на возраст од 30 години или повеќе е забележана во Хрватска (31,3 години), Словачка (30,9 години), Грција (30,7), Италија (30,1 година) и Шпанија (30 години). Од друга страна, најниска просечна возраст е забележана во Финска (21,4 години), Данска (21,7) и Шведска (21,9 години).
Минатата година, 9,7% од младите луѓе во ЕУ на возраст од 15 до 29 години живееле во домаќинства кои трошеле 40% или повеќе од нивниот расположлив приход за домување, во споредба со 8,2% од вкупното население.
Стапката на оптоварување со трошоци за домување е процентот на населението кое живее во домаќинства каде што вкупните трошоци за домување сочинуваат повеќе од 40% од расположливиот приход.
Постоеја значителни разлики во оваа стапка меѓу земјите-членки на ЕУ во 2023 година. Грција (30,3%) и Данска (28,9%) регистрираа највисоки стапки на преоптовареност со трошоците за домување, далеку над стапките во Холандија (15,3%), Германија (14,8%) и Шведска (13,5%). Од друга страна, Хрватска (2,1%), Кипар (2,8%) и Словенија (3,0%) имаа најниски стапки на преоптовареност со трошоците за домување.
Во 16 земји-членки, стапката на преоптовареност со трошоците за домување беше поголема кај луѓето на возраст од 15-29 години отколку кај општата популација. Најголемата разлика меѓу двете групи беше 14,3 процентни поени во Данска, по што следуваше Холандија со 8,4 процентни поени.
Во некои земји каде што младите луѓе го напуштаат домот порано, како што се Данска, Холандија, Германија, Шведска и Финска, товарот за домување е поголем за младите луѓе.
Земјите каде што младите луѓе подоцна се иселуваат од дома, како што се Кипар, Хрватска и Италија, имаат тенденција да пријавуваат пониски нивоа на оптоварување со домување. Сепак, во Грција, и покрај тоа што младите луѓе подоцна го напуштаат домот, оптоварувањето со домување за нив останува високо.