
„Млади во криза 2.0“: Клучни препораки како да се намалат штетните последици од ковид-кризата врз младата популација
Документот „Млади во криза 2.0“, односно ефектот на пандемијата врз младите е изработен од 12 граѓански организации, кои директно работат со млади за креирање на младински политики, вели Теодора Столевска од Младинскиот образовен форум (МОФ), презентирајќи кои мерки ги преземала владата, а кои треба допрва да се преземат за да се намали ефектот од ковид кризата врз младите во земјава.
Препорачано
Документот се состои од препораки за намалување на кризата од ковид-19 врз младите, а како што можевме да слушнеме од некои од говорниците кои се дел од организиите кои работеле на овој аргумент, Владата засега употребила многу малку методи за намалување на ефектите од кризата врз оваа таргетт група.
-Најголема мерка која Владата ја презема беше доделувањето на картичките купувам домашно, но изостануваше поддршка при покривање во партиципацијата на запишување во универзитети, платени ИТ обуки и слични мерки, кои за жал не беа имплементирани. Како резултат на тоа невработеноста кај младите во време на кризата се зголеми за 4 отсто – изјави Мален Блажевски од РЕАКТОР – истражување во акција, додавајќи дека од 99 владини мерки за ковид кризата, само 8 се однесуваат за младите.
Генералната препорака како дел од документот „Млади во криза вол 2.0“ е формирање на координативно тело за младински прашања, кое во соработка со инситуциите ќе ги спроведува мерките за заштита на младите од ковид-19 кризата, а ќе делува во четири области на препораки: Невработеност и економски ефекти, образование, психосоцијални и здравствени последици, младинска ангажираност и волонтирање.
Невработеност и економски ефекти
Главната препорака во врска со невработеноста и економските ефекти е ревработување на младите, бидејќи голем дел од нив ја загубија работата за време на пандемијата, вели Столевска, додавајќи дека за млади одново да се вработат потребна е нивна преквалификација, а дотогаш да примаат финансиска поддршка од државата.
– Овие лица потребно е да се опфатат со меркатаа за вработување, тоа значи дека тие можат да бидат преквалификувани, а додека тоа се случи да им се обезбеди финансиска помош, а ова треба да го направи Агенцијата за вработување во соработка со министерката за труд и социјална политика – смета Столевска.
Втората мерка која овде се препорачува е поврат на персонален доход на младите лица, а третата мерка е ваучери за домашна потрошувачка на младите лица кои немаат никаков доход, или оние кои доаѓаат од семејства со ниски приходи.
Образование
Главната препорака која стои во овој документ, а која се однесува на образованието е да се направи пресметка колкав број на ученици немаат пристап до онлајн содржината и потоа согласно овие бројки да им се обезбеди технологија да ја следат онлајн наставата.
Покрај ова, овие организации предупредуваат дека е потребно и вклучување на сите лица во образовниот процес, кои засега не се дел од истиот.
– Да се направи мапирање и вклучување на деца кои не се во образовниот процес, иако основното и средното образование се задолжителни, сепак има млади кои не се вклучени во образовниот процес, со што е потребна детална анализа за да се види кои ученици воопшто не се дел од образованието и да се креиераат мерки за нивно ревклучување во истиот – истакна Столевска.
Во врска со образованието во ковид услови се препорачува уште и еднаков пристап на сите ученици со попреченост, односно да им се обезбедат сите потребни алатки, посебно во националната платформа за далечина да се обезбедат потребните материјали и технологија за и тие да можат ефективно да следат настава.
Психолошка поддршка
Нема психилошка поддршка за учениците, а тоа е најважно, посебно кога учениците немаат пристап до педагозите и педагошките служби, вели Столевска презентирајќи ја оваа мерка, а додаде и дека е потребно да се направи онлајн канал преку кој учениците ќе можат да ги контактираат психолозите од своето училиште доколку имаат некаков проблем.
Покрај во училиштата, во овој документ за намалување на штетните ефекти на младите од ковид -19, се препорачува и формирање на сервис за писхолошка поддршка за млади на национално ниво, односно бесплатна линија која ќе им овозможи психолошка помош за време на пандемијата.