Живко Митревски / Фото: Слободен печат

Митревски смета дека сегашниот предлог на ССМ за минимална плата не е соодветен, Трендафилов го обвини дека е гробарот на работничките права

Сегашниот предлог-модел на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) за минимална плата не е соодветен и издржан, смета поранешниот претседател на Синдикатот, Живко Митревски. Според првиот синдикалец Слободан Трендафилов, Митревски работи во интерес на други страни, а не во интерес на работниците, алудирајќи на тоа дека поранешниот претседател на Сојузот е заинтересиран само за функцијата.

– Предизвикува неможност на работниците да имаат повисока минимална плата заради лошо утврдените коефициенти како методологија во утврдување на минимална плата, изјави Митревски, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој додаде дека предлогот за 500 евра минимална плата ќе биде издржан кога сите социјални партнери ќе најдат решение.

 

– Зошто да биде 550 евра? Зошто да не биде 650 или 700, меѓутоа со методологија која ќе ја утврдиме заеднички со работодавците. Можете да утврдите и 1000 евра (минимална плата) ама ако работодавците не можат да ја исплатат таа плата, тогаш ќе ги отпуштите работниците? ССМ направи катастрофа и господинот (Слободан) Трендафилов. Не сите во Сојузот бидејќи има таму претседатели кои се спротивставуваат на овој модел, но не беше прифатено нивното решение, додаде поранешниот прв синдикалец во државата.

Живко Митревски / Фото: Слободен печат

Според Митревски, претседателот на ССМ „Трендафилов се однесува катастрофално“ и е „нелегитимен“.

Во изјава за „Локално“, Трендафилов истакна дека Митревски е главната причина зошто денес тој не е легитимен претседател на Сојузот на синдикати на Македонија. Според Трендафилов, Митревски, поради својот начин на работење – против работниците, денес не е дел од ССМ.

– Доколку Митревски беше легитимен претседател на Сојузот на синдикати на Македонија, денес ќе седеше на оваа маса, ќе зборуваше од седиштето на Работничкиот дом и ќе кажуваше што ќе направи за работниците. Да не заборавиме, токму работниците го избркаа од овој дом затоа што не се грижеше за нивните работнички права, туку за интересите на политичарите и како да им удоволи. Веројатно тоа е неговиот единствен интерес. Може да зборува што сака, да прави што сака, но ССМ последен пат коментира за било какви активности поврзани со овој човек, кој е гробарот на работничкото движење и работничките права во Македонија – додаде Трендафилов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот