
Митовски: Гостите од Франција го обожаваат нашето тавче-гравче, Крива Паланка им приреди културен спектакл
Крива Паланка е единствениот македонски град што по четврти пат е град-домаќин на авантуристичкиот карван „Пежо 205“, коj прави европска турнеја „Europ‘ Raid“ во 20 држави. Тоа се повеќе од 600 Французи, кои со околу 200 возила возат низ повеќе држави во Европа, со цел одблизу да ги запознаат народите со нивната култура и традиција. Тие застанаа на еден ден и во Македонија.
Препорачано

Дел од нив првпат доаѓаат, а за некои теренот бил познат, раскажува за „Слободен печат“ градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.
– Се обидовме и овој пат да ги пречекаме на најдобар можен начин. Им приредивме културен спектакл со, навистина, набиена агенда. Организиравме франкофонски хепенинг во дворот на ООУ „Св. Јоаким Крчовски“, се вклучија и младите франкофонисти. Тоа е мешање на културите преку уметност и забава. Многу го сакаат нашиот фолклор, а оние што претходно биле, инсистираат на македонската традиција и култура и ме замолија во програмата и годинава да има фолклорни точки. Интересно е што уживаат во нашата храна, а најмногу го сакаат нашето тавче-гравче – рече Митовски.

Програмата беше богата со целовечерна содржина вклучувајќи и забава под отворено небо.

– Ние им организираме престој, храна, освежување, вечерта ја поминаа кај нас, спијат на отворено во шатори кај спортскиот комплекс – објаснува градоначалникот.

Овој настан е заедничка соработка, која се случува благодарение на наставничката по француски јазик Елена Николовска од ООУ „Св. Јоаким Крчовски“. Мисијата на „Europ‘ Raid“ за меѓународна солидарност има и хуманитарна нишка, во рамките на програмата француските авантуристи донираа училишна и спортска опрема, училиштен прибор и спортски реквизити. На настанот присуствуваа Даниел Меркез, прв секретар во Амбасадата на Франција, Бенжамин Леден и Жереми Бланден.

Културните активности и пречекот на француските авантуристи годинава се дел од Кривопаланечко културно лето.
– Како Град на културата за 2024 година, Крива Паланка ќе организира околу 140 настани годишно. Паланчани масовно ги посетуваат сите манифестации, а често имаме гости и од другите градови. Во оваа пригода сакам да нагласам дека август ни е богат со многу настани, кои му даваат посебна енергија на нашиот град. Французите ги испративме за Бугарија, а она што следува во Крива Паланка е дека од 20-22 август по 19. пат ќе се одржи Меѓународниот фолклорен фестивал „Св. Јоаким Осоговски“. Годинава за првпат правиме спој помеѓу фолклорот, храната и културата и го нарековме „Шопско село“ – градоначалникот ги повикува сите што се во можност, да го посетат овој традиционален настан во кој ќе има импозантна бројка од 700 ученици.

Од 23-24 август во Крива Паланка по 11. пат ќе се одржи „Џој фест“, ќе настапат „Суперхикс“ и Калиопи. На 25 август е предвидена музичка вечер со националниот проект „Македонијо во срце те носиме“. Крајот од овој месец ќе биде крунисан со популарната хрватска пејачка Северина.
– Празникот на градот 28 август, Голема Богородица, оваа година се одлучивме да го прославиме со хитовите на една од најпопуларните ѕвезди во регионот, хрватската пејачка Северина. Како увертира на овој голем концерт ќе биде нашиот пејач Давид Темелков, а за крај е организирана уникатна забава со „Брас брадрс“ – најави Митовски.