
Мистериозниот камен на Кеопсовата пирамида: Каде исчезна украсната „обвивка“ од познатото светско чудо?
Од сите седум чуда на Стариот свет, само Големата пирамида во Гиза успеала да му одолее на забот на времето. Позната и како пирамида на Куфу или Кеопсова пирамида, таа е најстарото од седумте чуда во античкиот свет. Меѓутоа, таа во минатото изгледала сосема поинаку од денес…
Препорачано
Според египтолозите, изградбата на Кеопсовата пирамида траела околу 20 години. Таа била завршена околу 2560 година п.н.е., и останала највисоката градба направена од човекот повеќе од 3.800 години.
Постојат многу теории за тоа како е изградено ова архитектонско чудо. Грците верувале дека се користеле робови, но современите истражувања велат дека во изградбата на Големата пирамида била вклучена работна сила од веројатно десетици илјади квалификувани работници хиерархиски организирани по групи, пишува „Vintage news“.
Без сомнение, ова е еден од најпознатите симболи на древниот Египет. И, иако секоја година го посетуваат стотици илјади туристи, сепак крие многу тајни.
Мистеријата на изградбата
Проценките велат дека Големата пирамида се состои од речиси 2,3 милиони камени блокови. Каменот што се користел за нејзино покривање, биле ископувани од каменоломот лоциран од другата страна на реката Нил.
Меѓутоа, некои од најголемите гранитни блокови, како оние што се наоѓаат во таканаречената кралска одаја, биле донесени од Асуан, оддалечен повеќе од 800 километри. Најтешкиот гранитен камен тежи повеќе од 80 тони.
Специјалната технологија за обработка на каменот, која ја усовршувале древните Египќани, вклучувала сечење блокови со вметнување дрвени клинови. Потоа блоковите биле потопувани во вода, а како што клиновите ја впивале водата, тие се проширувале и на тој начин ги разбивале блоковите. Откако на овој начин ги сечеле, античките мајстори ги носеле камењата со чамци преку Нил, сè до градилиштето.
За потребите на Големата пирамида се искористени околу 5,5 милиони тони локален варовник и дури 8 илјади тони гранитен камен од Асуан. На овие бројки треба да се додадат половина милион тони малтер.
Она што е можеби уште поимпресивно е тоа што, кога е завршена, Големата пирамида била обложена со бели, совршено полирани и прецизно поставени „камени плочи“. Овие плочи од бел варовник биле внимателно полирани и исечени со помош на неверојатно комплициран и, за тоа време, напреден метод.
Благодарение на оваа бела, мазна камена обвивка, пирамидите имале многу повпечатлив изглед од она што го гледаме денес, со нивните малку дотраени рабови и „фасади“.
Што се случило со камената обвивка на пирамидата?
Одговорот на ова прашање води до 1303 година, кога Големата пирамида преживеала голем земјотрес. Иако не се срушила, овие украсни бели панели се оштетиле.
Во 1356 година, султанот Малмук Ал-Насир Хасан ја искористил камената обвивка за изградба на џамија и тврдина во близина на Каиро. Покрај тоа, Мухамед Али Паша исто така го користел каменот на Големата пирамида на почетокот на 19 век за неговата Алабастер џамија, исто така во Каиро.
Првите археолози кои пристигнале од Запад да ја истражат Големата пирамида во Гиза пронашле големи купишта скршен бел украсен камен во нејзината основа. Голем дел бил отстранет за да може да продолжи процесот на истражување, но без разлика, остатоците од самиот тој камен сè уште можат да се најдат поставени околу основата на Големата пирамида и се доволни да ја покажат прецизноста на тогашните градители.