
Министри ни слика не оставаат на пратенички прашања, Гаши со ургенции кај Мицкоски
Некои министри подолго време не доаѓаат и јас сум правел притисок и до премиерот и до заменик премиерот да ја пренесат информацијата министрите да доаѓаат на седниците зашто тоа им е обврска. Лично правам притисок до премиерот за редовноста на министрите.
Некои министри никогаш или ретко се појавуваат на седниците за пратенички прашања иако се должни да дадат отчет пред пратениците. Претседателот на Собранието Африм Гаши за ова ургирал и кај заменик-премиерот Љупчо Димовски, кој присуствува на координациите кај собранискиот спикер, но и кај премиерот Христијан Мицкоски.
Препорачано
Гаши одби да ги апострофира министрите кои „бегаат“ од пратенички прашања, но според собраниски извори, министерот за економија Бесар Дурмиши ретко кој го видел да одговара пред пратениците.
Гаши објаснува дека министрите се редовни на седницита за опозициските пратенички прашања, но дека проблем има со редовните седници за пратенички прашања кои се оддржуваат секој последен четврток во месецот. Тој и денеска побарал вицепремиерот Димовски да ги потсети министрите за кои опзициските пратеници веќе најавиле дека ќе постават прашања да бидат на седницата в петок.
-Кога на дневен ред се опозициските прашања има редовност, поголеми проблеми имаме на редовните пратенички прашања кога сите треба да дојдат. Некои министри подолго време не доаѓаат и јас сум правел притисок и до премиерот и до заменик премиерот да ја пренесат информацијата министрите да доаѓаат на седниците зашто тоа им е обврска. Лично правам притисок до премиерот за редовноста на министрите. Премиерот вели дека со неговиот пример дека секогаш е присутен на седниците за пратенички прашања покажува на министрите дека треба да доаѓаат. Според мои информации ова прашање го покренале и на седница на Влада каде што се обврзале дека ќе доаѓаат – вели Гаши на брифинг со новинарите.
Освен Дурмиши кој редовно e отсутен, на седниците за пратенички прашања само повремено доаѓаат и првиот вицепремиер Изет Меџити, вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи и министерот за социјална политика Фатмир Лимани.
Во членот 40 од собранискиот Деловник се вели дека на седницата за пратенички прашања задолжително присуствуваат претседателот и членовите на Владата и други носители на јавни функции за кои е најавено дека ќе им се постави прашање.