прес-конференција на Фатмир Меџити / Фото: Слободен печат, Драган Митрески

Министерството за здравство води неколку истраги за можни злоупотреби на правата на пациентите

Министерството за здравство води неколку истраги за можни злоупотреби на правата на пациентите и тоа ќе биде редовна пракса, брифираше денеска министерот за здравство Фатмир Меџити.

Се интервенира со инспекции, а таму каде што ќе се соберат докази предметите ќе се испраќаат и до Обвинителството. Системот „Мој термин“ е жежок костен. Досега има сомнежи дека во системот „Мој термин“ на повеќе клиники преку ред се примаат пациенти со врски, но и дека хирурзи закажуваат операции „на приватно“, а за државно им кажуваат на пациентите дека „нема место“. Во меѓувреме пациентите се жалат дека нема термини, а периодот на чекање некои пациенти ги доведува во животозагрозувачка состојба.

Исто така, според информации на „Слободен печат“ до Министерството за здравство стигнала пријава дека во една болница од внатрешноста, со години функционирал ургентен центар кој немал дозвола за функционирање од Министерството, па таму за 4 години се реализирале над 10 илјади здравствени прегледи. Според наводите од пријавата до Меџити, за тие 10 илјади прегледи на пациентите им била наплатувана партиципација од 20 проценти, ама кога дошло време болницата да ги фактурира прегледите кон ФЗОМ, Фондот одбил да ги плати зашто таа имала нерегистриран ургентен центар. Во овој ургентен центар на докторите им биле делени дневници по највисок коефициент. Сите наводи Министерството ги испитува.

-Нема да дозволам некој да се богати на здравствениот систем и да прави профит, но молам да се запре со етикетирање на сите медицински работници, рече Меџити.

Министерството за здравство очекува побрзо да заврши истрагата за Клиниката за онкологија за да се врати довербата во лекарите и здравствениот систем. Во МЗ доаѓаат пациенти со свои сомнежи за нивното онколошко лекување и тие веднаш се препраќани во Обвинителството.

-Во секој чекор од постапката Министерството за здравство и обвинителството се заедно и исход мора да има. Апелираме сите да ги дадат своите сознанија на обвинителите, апелираше министерот Меџити.

За враќање на системот КАТО во функција на Клиниката за онкологија, според информации на „Слободен печат“, ќе бидат потребни повеќе месеци и околу 250 илјади евра, но тоа би било трајно решение за сите сомнежи за малверзации со дозите. Таква одлука за ставање во функција на системот не е донесена. Во меѓувреме, Министерството за здравство и директорката на Клиниката бараат модус како да одржуваат контрола на терапиите. Бараат одговорни и чесни кадри кои би помогнале да се одржи контролата.

-Во скоро време ќе излеземе со информација дали ќе се користи системот КАТО или нов систем, сега не можам да споделам, но ќе има таков систем кој ќе биде за контрола и најбитно е да има навистина одговорни луѓе за тој систем да функционира како што треба, вели Меџити.

Министерството за здравство ќе почне кампања за превенција и рано откривање на малигни болести, кои што најдобро се лекуваат ако се откријат рано. Таа најверојатно ќе биде преку систематски прегледи и апели населението да се прегледува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот