Споменикот „Македониум“ во Крушево

Министерството за култура и туризам покрена интервентна заштита на споменикот „Македониум“ во Крушево

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, заедно со стручните екипи од НУ Завод и Музеј – Прилеп, на 11 септември оствари теренска посета на споменикот „Македониум“ во Крушево.

Реконструкцијата на споменикот „Македониум“ во Крушево – еден од најзначајните културни симболи на македонската историја – започна уште во 2014 година, кога беа реализирани низа значајни активности – санација на потпорни ѕидови, обнова на фасади, антикорозивна заштита, реконзервација на архитектонски елементи, како и внатрешни конзерваторски зафати и истражувања. Во 2017 година, сите активности беа прекинати, скелето беше симнато, а објектот остана незаштитен, со што последиците од таа негрижа се очигледни и денес.

Минатата година Министерството за култура и туризам, во координација со Завод и Музеј – Прилеп, подготви проект за интервентна заштита на објектот во вредност од 2,5 милиони денари, чија реализација ќе почне во текот на оваа година.

Паралелно се работи и на подготовка на сеопфатен проект за целосна реконструкција и конзервација на споменичниот комплекс, кој се очекува да биде финализиран до средината на 2026 година. По изработката на документацијата и обезбедувањето на сите потребни дозволи, ќе отпочне реализацијата на овој капитален зафат.

Министерот Зоран Љутков во посета на споменикот во Крушево

– Нашата цел е јасна – да го заштитиме и да го обновиме „Македониумот“. Тој не е само архитектонски објект, туку симбол на македонскиот идентитет, историја и борба. Како Влада и како Министерство за култура и туризам, остануваме цврсто посветени на заштитата и унапредувањето на културното наследство, кое е наш стратешки приоритет – изјави министерот Љутков.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 298, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.9.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот