Министерот за здравство Илир Демири заработи тужба за клевета од доктор Нико Беќаровски

Доктор Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија ќе го тужи министерот за здравство Илир Демири, затоа што вчера на официјалната Фејсбук страница на Министерството за здравство, со негова согласност и знаење е објавен документ во кој Беќаровски е обвинет за поткревање на меѓуетнички тензии на оваа Клиника, која еден месец е во центарот на скандалите.

„Почитуван министре за здравство Илир Демири, искрено се надевам дека објавата е без Ваше знаење и одобрение, бидејќи со истата му нанесовте несогледлива штета на мојот углед, базирана на лажни изјави, на незаконски архивиран документ, на кој не стои ниту едно име, за која ќе следува соодветна судска тужба кон инволвираните. Импутирање на какви било национални навреди е најблаго речено дегутантно. И јас, впрочем како и Вие, секогаш сум бил исклучиво поборник за максимален професионализам, базиран на квалитет и мерит систем, без никакви други предрасуди. Најколегијално, Ве замолувам во следните 24 часа јавно да се оградите од оваа несреќна објава на сајтот и да ми се извините за нанесената повреда на мојата чест и углед. Воедно Ве поканувам во текот на идната недела да ја посетите УК Токсикологија и да остварите состанок со Стручниот колегиум на Клиниката, за заедно да ги продискутираме наталожените проблеми кои сериозно влијаат на квалитетот на здравствените услуги. Со должна почит и колегијален поздрав“, му напиша Беќаровски на министерот Демири на Фејсбук.

На Фејсбук страницата на Министерството за здравство, минатата вечер е објавен документ со приемен печат од Министерството и датум 26 април 2024 година, кој претставува „изјава“ од 14 лица кои немаат договори за работа на Клиниката за токсикологија од крајот на 2023 година. И покрај тоа, тие се појавуваа на работа без никаков договор и без плата 4 месеци, спротивно на законите, што е констатирано од Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Во „изјавата“ која има само своерачни потписи од 14-те лица, а која Министерството за здравство ја направи достапна до целата јавност, овие лица се претставуваат како жртви на вчера разрешениот медицински директор Данил Петровски. Имено, Петровски не сакал да потпише да се продолжат договорите за вработување на овие лица, заради предизборниот период, па од Министерството за здравство му вршеле притисоци да ги прими на работа. Откако Петровски не се сложил, експресно беше разрешен, а потоа и јавно посрамотен на Фејсбук профилот на Министерството. За лицата што без договори и без плата незаконски доаѓале на работа во Клиниката, нема ниту збор од Министерството за здравство, како ни за економската директорка Бесија Иљази која ја остави токсиколошката лабораторија без биолог, не зборува македонски јазик, а Клиниката не беше ни осигурана од штети кога се поплави од пукната цевка од парно пред две недели. Министерството за здравство го разреши само медицинскиот директор Данил Петровски, а Бесија Иљази ја поштеди и покрај огромните реакции од јавноста.

Иако имал согласности за продолжување на договорите за работа на 18 лица, тој не постапил. Ангажираните оделе на работа без договор и без плата за нивниот труд. 18 семејства ги остави без плата! Во неговиот мандат, Клиниката беше поплавена и неосигурана, а ангажираните секојдневно трпеа закани и омаловажувања на национална основа.

„Информираме дека поранениот медицински директор д-р Петровски не беше разрешен пред изборите за да не се поттикне нетрпение по национална основа“, напишаа од Министерството за здравство, осврнувајќи се на Данил Петровски, сега разрешениот медицински директор.

Во истата објава се презентирани и две фотографии во кои доктор Нико Беќаровски се обвинува за ширење меѓуетничка нетрпеливост кон Албанците вработени на Клиниката за токсикологија, поради што Беќаровски најави тужба кон Демири.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот