
Милевски: Натпреварот против Лихтенштајн е најважниот за нас
Фудбалската А репрезентација на Македонија на почетокот на септември ја очекуваат два натпревари, пријателскиот против Саудиска Арабија во Чешка, а потоа и квалификацискиот за пласман на Светското првенство 2026 против Лихтенштајн на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Препорачано
Селекторот Благоја Милевски повика двајца дебитанти, Решат Рамадани од Шкендија и Елмин Растодер од Тун. Неколкумина играчи не се повикани поради проблеми со клубовите, а дел и од оние што се на списокот имаат слични ситуации.
– За жал, не можеме да сметаме на Агон Елези поради повреда на рамото. Овој пат не се повикани Ашковски, Манев и Бојан Димовски поради ситуацијата со нивните клубови. Се надевам дека ќе се стабилизираат и повторно ќе се вратат во националниот тим – истакна Милевски, кој се осврна и на двајцата дебитанти:
– Што се однесува до нив, Решат Рамадани сам се наметна со своите игри за Шкендија во европските купови. Има квалитети и сметаме дека е потребен за тимот. Со Елмин Растодер се надеваме дека ќе добиеме квалитетен играч кој ќе ја зголеми конкуренцијата во нападот. Тој игра одлично за Тун во швајцарското првенство – додаде селекторот.
Првиот натпревар е пријателски, а потоа следи квалификацискиот дуел со Лихтенштајн.
– Мечот против Саудиска Арабија ќе го искористиме за да испробаме некои тактички замисли и да им дадеме шанса на повеќе фудбалери. Што се однесува до дуелот со Лихтенштајн, можеби тоа е најважниот меч за нас во овие квалификации. Максимално го респектираме противникот и мора да бидеме подготвени да го дадеме максимумот. Најважни ни се тие три бода, а потоа ќе размислуваме за следните предизвици што нè очекуваат во октомври – изјави Милевски.