
Мицкоски смета дека техничкиот министер за внатрешни работи од ВМРО-ДПМНЕ е професионално решение
По консултациите со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека новиот министер за внатрешни работи од неговата партија во техничката влада е професионално решение, но дека ќе го извести по средбата во владата со премиерот Зоран Заев.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
– Го запознавме раководството на ДУИ како втора најголема партија што е дел од Владата со нашиот предлог. Очекувам дека ќе имам исто така успешна средба и со премиерот во заминување и веднаш после таа средба ќе можеме да го соопштиме името и јавноста ќе знае малку повеќе и за предлогот и за неговиот профил. Станува збор за професионално решение – изјави Мицкоски.
Рече дека покрај со СДСМ и ДУИ, како две најголеми партии за кои законот налага дека треба да се консултира, деновиве ќе има разговори и со албанската опозиција за кадровските решенија што ќе бидат дел од МВР и од структурите што ќе ги предводи техничкиот министер за внатрешни работи за, како што рече, да видат какви предлози ќе имаат тие.
-Доколку тие предлози се со квалитет што ќе обезбеди непречено да се развива процесот на избори се добредојдени. Апсолутно сме подготвени, но истовремено, знаете, кога сте вие подготвени да отстапите, добро е да очекувате и од другата страна на отстапки. Можеби конечно ќе се охрабрат и политичките партии од албанската опозиција. Еве, го слушавме господин Села како вчера гордо кажува дека немал средба со претседателот на најголемата политичка партија, па можеби ќе побара средба со претседателот на најголемата опозициска политичка партија и да ги претстави неговите погледи и визии како понатаму би функционирале, додаде Мицкоски.
На прашањето дали на средбата со Заев ќе прифати разговор и за измени во Изборниот законик, Мицкоски одговори дека прифаќа разговор на секоја тема што е во интерес на граѓаните.