
Мицотакис го предупреди Мицкоски за евентуални „непријатности“ на Самитот на НАТО
За да нема „прво непријатно искуство“ на НАТО Самитот, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис „го предупреди“ Христијан Мицкоски, извесниот иден премиер, да го почитува Преспанскиот договор.
Препорачано
„Во однос на Скопје, Северна Македонија, мојата порака до мандатарот за премиер е многу јасна. Предизборниот период заврши. Договорот од Преспа, кој за нас имаше многу проблеми, но основното достигнување е едно име за сите, ерга омнес, мора да го почитува. И да даде категорична изјава, кога и официјално ќе ја преземе премиерската функција, дека го почитува Договорот од Преспа. Во спротивно, единственото нешто што ќе може да го постигне е да има едно многу непријатно прво искуство, кога сите заедно ќе се сретнеме во Вашингтон, на 75-годишнината од НАТО, на почетокот на јули – рече Мицотакис и уште еднаш повтори дека и на НАТО Самитот ќе го покрене конкретното прашање, пренесе МИА.
На прашањето дали е на маса можноста Грција да им го блокира патот на двете земји кон Европската Унија, Мицотакис изрази оптимизам дека сепак, тоа нема да биде потребно.
„Мислам дека нема да биде потребно да стигнеме дотаму, бидејќи сигурен сум дека на крајот ќе надвладее логиката. Но, мислам дека бев апсолутно јасен“ – рече Мицотакис.
Интервјуто на грчкиот премиер за „Антена“ беше дел од низата интервјуа во пресрет на евроизборите в недела.
Вечерва Мицотакис одржува предизборен митинг во Солун, а в петок ќе го одржи последниот митинг, традиционално во центарот на Атина.