Христијан Мицкоски Фото; Принтскрин

Мицкоски тврди дека „глодари“ од АНБ и АР „темелно се занимавале“ со тогашната опозиција, со него, со бизнисмени и новинари

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Агенцијата за разузнавање и и Агенцијата за национална безбедност во времето на претходната власт „темелно се занимавале“ со него и со тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но и со новинари и со бизнисмени. Мицкоски во изјавата за медиумите не сакаше да зборува за детали и рече дека „станува збор за класифицирани документи“ и оти очекува луѓето кои го прислушувале да се најдат зад решетки.

„Не би можел да зборувам за деталите бидејќи тоа е државна тајна, така е класифициран тој документ, документи, но едно е факт дека двете агенции – и Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност, темелно се занимавале со, во тоа време, најголемата опозициска партија, со мене. Меѓу другото и со новинари, бизнисмени, така што да оставиме периодов да тече, да оставиме Обвинителството што ќе каже, судиите нормално, во еден судски процес. Јас сум навикнат веќе. Навикнат сум на таков тип на луѓе и не ме изненадува тоа бидејќи и тогаш стигнуваа до нас информации што се случува. Едноставно, таков тип на луѓе, јас би ги нарекол полусвет, немаат во животот доволно мотив да се занимаваат со убави работи, се занимаваат со туѓите животи. Мислат дека на тој начин ќе добијат некаква пофалба, некаква предност пред нивните наредбодавци и ќе напредуваат така во кариерата“, рече Мицкоски.

„Очекувам овие глодари да завршат онаму каде што им е местото, позади решетки, еднаш засекогаш да се ставио крај на злоупотребата на ваквиот тип на агенции и ресурсите со кои тие располагаат“, рече Мицкоски.

Директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Бојан Христовски изјави дека „таканаречената реформирана АНБ во 2019 година била се, но не била реформирана институција“.

„Повеќе било фасада од реформирана институција. Тоа што се случувало внатре било да една помала група составувајќи ја од еден поранешен директор и помала група вработени и тоа како имаме индиции дека ја злоупотребиле својата службена положба. За истото е известено надлежното јавно обвинителство и повеќе детали за ова не би можел да споделам, се со висока квалификација и се сензитивни, и не би сакале да нарушиме некој законски процес и воедно да попречиме процес кој е или би бил отпочнат од јавното обвинителство“, рече Христовски.

Овој ден, како што кажа, повеќе го гледа како ден со кој раскрстуваме со минатото, ден со кој што даваме порака до сите што некогаш се дрзнале да ја злоупотребат својата службена положба, повеќе да не го прават тоа.

– Се надеваме дека доколку се докаже вина кај тие за кои ние го имаме известено јавното обвинителство, ќе одговараат за тоа и дека веќе никогаш нема да се повтори незаконско, непрофесионално и неетичко работење во агенцијата – рече Христовски.

Директорот на АНБ не сакаше да одговори колкумина се прислушкувани упатувајќи на јавното обвинителство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот