
Мицкоски повика на единство – нашето битисување на овие простори многумина не ги прави среќни
Светите Кирил и Методиј, браќата благородни по срце и ум, ни го оставија најголемиот подарок – писмото, словото, гласот на нашиот идентитет. Денес го празнуваме нивното дело, делото на нашите првоучители, светилници на словенската писменост и темелот на нашата духовна и културна самобитност. Тоа го истакна претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во обраќањето на Свечената академија што по повод Денот на Светите Кирил и Методиј се одржа во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид.
Препорачано
Мицкоски осврнувајќи се на, како што рече, простодушните полемики, за тоа кои се Светите браќа, чии се, кому му припаѓаат, без да се види големата слика, рече дека тоа е толку безначајно споредбено со прашањето дали и колку ги применуваме нивните пораки, зборови и завети кои ни ги оставија.
– Никогаш нема да навлезам во таквата несуштествена реторика, затоа што ние самите не смееме да се поткопуваме себеси и најдобро знаеме кои сме, и од што сме создадени – рече тој.
Во говорот рече дека секој удар по Македонската православна црква е удар по Македонија.
– Треба секој од нас да ја чува црквата, да ја почитува и да се бориме да придонесеме што повеќе со единство и знаење да победуваме на темите важни за нашата иднина. И ова однесување треба да биде подеднакво и внатре и надвор, и за оние во врквата и надвор од нејзе – рече тој.
Мицскоски забележа на потребата од единство, порачувајќи дека „не сме премногу да се двоиме, и не сме пресилни за да се разединуваме“.
– Сакам да се осврнам на две теми кои се суштествено важни за нашето постоење. Првата се надворешните напади, блокади и негирања со кои еве повеќе од 30 години како држава се соочуваме. Тие се насочени кон разјадување на темелите на нашето постоење. Најпрвин нашето знаме, народ, химна, јазик, култура. Мора да бидеме свесни дека многумина нашето битисување на овие простори не ги прави среќни – рече тој.
Тој посочи дека како човек и како претседател на Владата е многу спокоен, затоа што вели, знам кој сум, знам кои сме и што сме.
– И не треба да не вознемируваат таквите негирања, затоа што во глобалниот свет на поголеми и помали, на посилни и послаби, тоа е природен процес на докажувања. На помалите народи им преостанува да играат мудро и стабилно. А во однос на негирањата одговорот ќе го добијат и тие и сите други во оргиналните списи кои во оваа прилика се изложени на десетина метри од местото на овој мој говор. Со оригиналните ракописи на еден од многуте ‘големи’ за нашиот народ, Ѓорѓија Пулески, еден од првите што го истакнуваат постоењето на македонската нација и јазик пред два века. Веднаш до тие ракописи, стојат оригиналите од пишувањата на Крсте Петков Мисирков кој велеше секој народ има право да создаде свој литературен јазик, и тоа право им припаѓа и на Македонците. Денес треба да се определиме – дали сакаме да бидеме народ со своја посебност или ќе се изгубиме во туѓите народи – рече тој.
Што се однесува на темата на домашните превирања и на, како што рече, „внатредржавни сопки“ пред притисоците однадвор, премиерот ја посочи потребата од единственост во позициите кај сите.
– Замислете позиција каде ќе бидеме единствени, едногласни за најважните прашања, нешто што реално не случило овие 30 години. Замислете позиција каде нема да се делиме пред надворешните фактори, нема да паѓаме во нивните очи преку математиката на броење на прозападни и происточни крвна зрнца, каде ќе ги искористуваме сите шанси кои ни ги дава историјата за приклучок кон големите процеси на европско и светско ниво. Замислете позиција каде власта и опозицијата ќе делуваат единствено, нема да имаме внатрешни процепи, каде секој политички чинител, своите слабости и неподдршка од народот нема да ја надопоолнува преку попусливост пред меѓународниот фактор.
Притоа морам да кажам дека судбината и шансата на малите народи е да се пронајде на мудар начин во интересите на големите играчи на политичката сцена. Тоа е единствениот начин на кој можеме да опстоиме. И ова добро мора да го запаметат и оние од опозицијата кога го напаѓаат договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство – па кажуваат дека долгот ќе се зголемел поради инвестициите, па лагата дека мигранти ќе се носеле, само за да издејствуваат некој политички поен за себе. Едноставно, и во историска и во секоја друга смисла не вреди таквата реторика, и се прави штета на државата – рече тој.
Замислете каде ќе бевме сега, додаде тој, доколку пред 30 години направевме силни пактови со нашите западни пријатели, доколку тогаш и во сите години потоа не се делевме, не се каравме за стратешките цели и склучувавме пријателства од кој бенефит ќе имаа сите граѓани. Не одете подалеку, погледнете неколку од нашите соседи, кои имаа таков пристап, тие отидоа и подалеку и посилно, затоа што ги фатија и приграбија, вели, историските шанси.
Притоа, како што рече, за да се направи исчекор напред, потребно е градење на државно и национално единство и подавање рака и клучна согласност за најважните прашања за татковината.
На свеченоста обраќања имаа и поглаварот на МПЦ ОА г.г. Стефан и ректорката на УКИМ Биљана Ангелова.