
Мицкоски: Поробусна акција за решавање на прашањето со Бугарија ќе има по Нова година
Со праќање писма до европратеници, како што прави Бугарија, не се решава проблемот. Ние може да пишуваме колку сакаме писма, ама со тоа прашањето не се решава, треба посериозна акција од некои други центри на моќ. Ако навистина постои волја и желба, ние сме подготвени да разговараме, вели премиерот.
За суштинско поместување на прашањето со Бугарија, премиерот Христијан Мицкоски вели дека е потребна поробусна акција, која очекува да следува по Нова година. Тој на брифинг со новинарите рече дека клучно за тоа прашање е двете страни да имаат добра волја.
Препорачано
– Потребна е малку поробусна акција од друг центар на моќ. Разговарав со претседателот на Советот на ЕУ, Кошта, откако заврши неговата посета во Софија. Тој таму кажа дека со право бараме гаранции поради сè она што сме го направиле во минатото. Очекувам некаков тип придвижување со почетокот на следната година. Исто така, разговарав и со уште еден премиер на држава којашто е, би рекол, од редот на првите три во ЕУ и од нивна страна се очекува поробусна акција во насока на решавање на ова прашање. Очекувам да има поголема динамика по Нова година. Нешто суштински да тргне во решавање на тоа прашање – изјави Мицкоски.
Тој додаде дека е важно ние да си ја завршиме домашната задача и не смета дека со праќање писма до европратеници, како што прави Бугарија, ќе се реши прашањето.
– Ние може да пишуваме колку сакаме писма, ама со тоа прашањето не се решава, треба посериозна акција од некои други центри на моќ. Ако навистина постои волја и желба, ние сме подготвени да разговараме – рече премиерот.
Тој потсети дека кога има акција, резултатите се неизбежни.
– Еве имаше таква акција за третата секција од пругата од Крива Паланка до граница. Седнавме на два-три пати, ја решивме работата. Еве тие веќе го распишаа тендерот, ние го прифативме грантот за техничка поддршка, кога ќе заврши тоа и ние ќе го распишеме тендерот, ЕУ ќе го финансира тунелот и ќе се реши работата. Треба да се седне и да се разговара и ќе се реши ако постои желба од двете страни – рече Мицкоски.
За оцената на лидерот на СДСМ Венко Филипче дека има застој и побара забрзување на реформската агенда, премиерот повтори дека ја чека најавената резолуција од Филипче за црвените линии.
– Ја чекаме резолуцијата веќе цел месец, не сум слушнал дека таков документ се работи во партиски кругови. СДСМ кажа дека работат на резолуција што има црвени линии, пред нешто повеќе од еден месец. Рековме дека со нетрпение ја очекуваме да дојде за и ние да дадеме некаков инпут во таа резолуција. Сѐ уште не е дојдена, кога ќе дојде ќе коментираме повеќе по тоа прашање – рече премиерот на брифинг со медиумите.