
Мицкоски: Одлуката за проектите за општините денеска на владина седница
На седница на Влада денеска ќе се донесе одлука за проектите за општините, кои ќе ги користат парите од унгарскиот заем, наменети за унапредување на инфраструктурата на локално ниво, најави премиерот Христијан Мицкоски.
Препорачано
Мицкоски истакна дека до крајот на месецот надлежните институции ќе ги потпишат договорите со општините, со што ќе почне имплементацијата на проектот.
Заврши јавниот повик – општините доставија 357 предлог проекти
Министерот за транспорт и врски Александар Николовски, пак, денеска од Велес истакна дека околу 90 проценти од проектите на општините кои ги доставија за користење на парите од заемот од Унгарија ќе бидат изгласани и одобрени на денешната седница на Владата.
-Не сакам да звучам амбициозно, но мислам дека е многу веројатно. Најголем дел, ако не и сите да ги изгласаме на денешната седница на Влада. Од тука одам на седница на Влада, преку 90 проценти од проектите се кај мене во Министерството за транспорт и истите заедно со тимот во Министерството за транспорт ги завршивме. Сакам да се заблагодарам на целиот тим којшто работеше на оваа работа навистина завршија огромна работа и на мојот кабинет којшто целосно се вложи во оваа работа, така што проектите од страна на Министерството за транспорт се одобрени, остануваат другите министерства да ја завршат својата работ – изјави Николовски.
Тој се надева дека попладнево може да излезе со информација дека проектите се усвоени на седница на Влада. Општините во земјава на располагање имаат околу 250 милиони евра за реализација на капитални инфраструктурни проекти.