Фото: Архива

Мицкоски: Одговорност мора да има за прислушувањето

Според него, системот за следење се злоупотребувал со децении, а штетата што ја предизвикувал е огромна – и за демократијата и за личните судбини на граѓаните

На централната свеченост по повод Денот на независноста, премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање се осврна на тема која што деновиве е актуелна – незаконското прислушување, злоупотребата на системите за следење и одговорноста која, како што порача, мора конечно да се воспостави.

„Не е прашање дали ќе се декласифицираат материјалите, вистинското прашање е како да ги спречиме злоупотребите и повеќе тоа да не се повтори. Тоа ќе се случи само кога ќе има одговорност. А одговорност мора да има,“ изјави Мицкоски.

Тој ги отфрли барањата на опозицијата за итна декласификација на документацијата поврзана со прислушкувањето, оценувајќи ги како „паника и страв од оние што бараат такво нешто“. Според него, системот за следење се злоупотребувал со децении, а штетата што ја предизвикувал е огромна – и за демократијата и за личните судбини на граѓаните.

„Се следи и прислушкува од 90-тите години. И една иста структура, речиси исти луѓе и оперативци, блиски до минатата власт, оперираат со системот. Со ваквите чекори се удира по основите на демократијата, се удира по уставниот поредок, а последиците уништуваат генерации луѓе и ја доведуваат во опасност целата држава,“ рече Мицкоски, додавајќи дека и самиот бил жртва на такво следење.

Тој информираше дека сите материјали и сознанија за незаконското следење се предадени на Јавното обвинителство. „Ги знаеме нивните слаби капацитети и ниската доверба во нив, но овој случај ќе го следиме одблиску и само да знаат – оваа работа нема да се стави под тепих,“ порача премиерот.

Од СДСМ вчера преку писмено соопштение ја обвинија власта дека се обидува да создаде измислени афери за да ја дефокусира јавноста од, како што велат, сопствената неспособност.

„Очајни се обидите на ВМРО-ДПМНЕ да се извади од кашата во која самите се ставија, откако се заиграа со наводни шпионски афери. Наводната афера им пукна како бомба во раката,“ се вели во соопштението од СДСМ.

СДСМ ја повика власта веднаш да ја декласифицира документацијата: „Нека видат граѓаните дали бил вистински следен премиерот, кој бил следен и со кого комуницирал. Бидете еднаш храбри и чесни. Сите што злоупотребиле – нека одговараат.“

Прашањето за незаконското прислушување со години ја тресе политичката сцена во земјава. Од „бомбите“ во 2015 година до новите индикации за злоупотреби во АНБ, јавноста слуша за афери кои ретко добиваат судска разрешница.

На брифингот со медиумите не беше споменато дека Мицкоски, функционери од тогашната опозиција или новинари биле прислушувани, туку дека има индиции дека поранешниот директор и група вработени во АНБ непрофесионално и неетички вршеле оперативни обработки на опозицијата, на лидерот на опозицијата и на група новинари.

Мицкоски ова го претстави како нов скандал – нелегално прислушување и масовна злоупотреба на системот и се создаде перцепција во јавноста дека станува збор за ново „Големо уво“.

„Големото уво“ што го прислушувало Мицкоски не слушало

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот