
Мицкоски нема индиции за можни инциденти во изборната кампања и покрај жестоката реторика
Не гледам дека има поголемо отстапување во делот на предизборието, споредено со минатото. Како претседател на Владата се трудам да бидам со поинаков тон, кој е над ситуацијата, да не ја распалувам атмосферата, напротив, да дејствувам во насока на смирување. Некои политички центри на моќ во државата, во очекување дебакл и пораз на изборите, одлучуваат да ја засилат реториката
Иако вчера, како што кажа, си го видел својот „дигитален споменик“, премиерот Христијан Мицкоски смета дека преткампањата за локалните избори на 19 октомври не отстапува во жестината од кампањите од претходните изборни циклуси. Тој на вчерашниот брифинг со новинарите рече дека нема индиции за можни инциденти во изборната кампања и на изборниот ден и повтори дека не планира предвремени парламентарни избори, бидејќи владината коалиција ќе победи на изборите и Владата ќе ја реализира четиригодишната програма.
Препорачано
За секојдневните прес-конференции на партиите од власта и од опозицијата, во кои меѓусебно се навредуваат, клеветат и обвинуваат, Мицкоски се амнестираше себеси и партијата и прстот го впери во опозициската ДУИ, за која, пак, претходно рече дека по изборите не треба ни да постои.
– Не гледам дека има поголемо отстапување во делот на предизборието, споредено со тоа што било во минатото. Инаку, јас лично, како претседател на Владата се трудам да бидам со поинаков тон, со тон кој е над ситуацијата, да не ја распалувам атмосферата, напротив, да дејствувам во насока на смирување. Очигледно е дека некои политички центри на моќ во државата, во очекување дебакл и пораз на изборите, одлучуваат да ја засилат реториката. Еве, првпат имаше иновација во македонската политичка сцена – јас си го видов својот дигитален споменик, така што креативноста гледам дека е на најјако кај луѓе што стравуваат од дебакл на локалните избори и она што ќе се случува потоа – одговори Мицкоски на прашање на „Слободен печат“ дали поради острата предизборна реторика има информации за евентуални инциденти на изборите.
Дигитален споменик
Тој во одбрана на својата партија рече дека не може ВМРО-ДПМНЕ да води кампања во име на другите партии и да испраќа пораки наместо нив, но дека е важно тој и партијата преку личен пример да бидат над ситуацијата и да испраќаат пораки со тон на смирување, на политичка битка на ниво на идеи и проекти.
На интернет вчера се појави страница „Убијците на Кочани“, на која е споделена фотомонтажа со крвави лица на премиерот Христијан Мицкоски, на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и на директорот на БЈБ, Александар Јанев.
ВМРО-ДПМНЕ најостро реагираше на, како што наведоа, „срамниот, злонамерен и монструозен обид за политичка злоупотреба на трагичните настани во Кочани“ преку дистрибуција на фотомонтажи и лажни обвинувања кон премиерот и други функционери. Партијата побара итна реакција на институциите.
СДСМ, пак, најави дека ќе поднесе кривична пријава за пронаоѓање и казнување на креаторите на оваа морбидна кампања.
За жестоката кампања, Мицкоски ја обвини ДУИ зашто, како што вели, опозицијата нема на што друго да игра освен на национализам и на поделби.
– Ако мислиме конкретно на ДУИ, во изминативе 22 години вие не можете да ги препознаете по некаков проект или некакви испораки за граѓаните и затоа единственото нешто по што се препознаваат се токму националните поделби. И логично е на тоа да играат, оти тука се највешти. Секој во кампања бира терен таму каде што е највешт и каде што врши процена и мисли дека ќе добие најмногу политички поени, без притоа да води сметка за денот по изборите. Ако сме кусогледи и гледаме само до изборите, тогаш тоа е така, но така тие процениле. Ние велиме – во ред, но ние имаме со што да се пофалиме и излегуваме со проекти, испорака кон граѓаните, што сме направиле изминативе 15 месеци, што планираме да направиме. Нашата реторика и порака се темелат на реформи, проекти и иднина, нивната реторика се темели на етнички поделби и враќање во минатото. Тие се жилави и велат не сме го кажале последниот збор и ќе продолжат со уште потврда нациналистичка реторика, но мислам дека тоа ќе биде пукање во празно – рече Мицкоски.
Со предвремени избори би се изгубиле шест месеци
Тој повтори дека не планира предвремени парламентарни избори и дека Владата е силна, кохерентна, а владината коалиција ќе победи на изборите. Мицкоски вели дека не би било чесно кон граѓаните да го прекинат мандатот и да не ја реализираат програмата.
– Кога би гледале од партиска оптика и од интерес на ВМРО-ДПМНЕ, можеби би му одговарале предвремени парламентарни избори после резултатот на локалните избори. Но ние гледаме низ оптиката на државниот интерес. Кога би имале избори, тоа значи дека јас треба да заминам кон крајот на јануари, па да има техничка влада, а избори во мај. Тоа значи шест изгубени месеци, а државата, граѓаните, економијата во грч. И сега ние треба суетата на еден, двајца во опозицијата да им ја потхрануваме со тезата – не се секирајте, ќе одиме на избори. Нема да одиме на избори – дециден е премиерот.
Тој повтори дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да се укине пржинската влада.