Мицкоски - доделување мандат/Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Мицкоски: Не прифаќам ултиматуми од „Вреди“ дека Уставот мора да се смени за шест месеци

Не функционирам со рокови и со ултиматуми, нашиот став за уставните измени за внес на Бугарите е јасен и принципиелен и го знаат цела Европа и целиот свет, одговори денеска премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање во врска со ставот на коалицискиот партнер „Вреди“ дека остануваат на ставот дека уставните измени мора да се случат во рок од шест месеци.

– Нашиот став за ова прашање беше истакнат и во програмата за изборите. Ние добивме гласови од граѓаните, не добивме гласови како резултат на ултиматум. Така јас не функционирам, а ниту ВМРО-ДПМНЕ – одговори премиерот Мицкоски.

Минатата недела од коалицијата „Вреди“, кои се партнер во Владата на Мицкоски изјавија дека за нив евроинтеграцискиот процес останува висок приоритет.

– Ние остануваме на тоа што сме го дале како временски рок. Шест месеци е дадениот рок и ќе видиме какви конкретни чекори ќе бидат преземени во овој период и како ќе продолжиме понатаму. Го сметаме како храбар чекор тоа што ВМРО-ДПМНЕ веќе размислува за модалитети како да се донесат уставните измени, што за нас е сигнал дека процесот оди во вистински правец – изјавија од „Вреди“.

Оваа изјава уследи откако министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски рече дека може да се вметнат Бугарите во Уставот, но тоа да има одложна примена до моментот пред да станеме земја членка на ЕУ, за да имаме гаранција дека во тој период ќе бидеме оценувани единствено по објективни и мерливи критериуми.

Премиерот Мицкоски денеска ја коментираше и критиката од СДСМ дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ го вратила евроинтеграцискиот процес на Македонија десет години наназад.

– Не очекувам нешто друго да каже новоизбраниот претседател на СДСМ или да испратат некоја поинаква порака. Нивната матрица на функционирање беше додека го ограбуваат народот и државата устата им беше полна со ЕУ интеграции и планови, а планот им беше ајде дајте да потпишеме што треба и да си бркаме работа без никакви гаранции. Ајде да потпишаа и да имавме гаранции, па нека биде така. Кога беше кампањата за промената на името ни беше ветувано сменете го името и ќе бидете члкнка на ЕУ, но, поминаа шест години и абер нема од ЕУ. Граѓаните на изборите пред два и пол месеци го дадоа својот одговор на нивните политики. Следната година ќе имаме повторно избори, па пак граѓаните ќе кажат дали ВМРО-ДПМНЕ е во право или СДСМ е во право – рече Мицкоски.

На новинарско прашање пак, дали ќе бара Бугарија да го внесе македонското малцинство во рамките на устваните промени што следат во Бугарија, премиерот одговори дека имаат јасен став за македонската заедница во Бугарија.

– Треба да почнеме од пресудите за македонската заедница во Бугарија донесени од Европскиот суд за човекови права. Не можеме да почнеме од третиот чекор, мора од првиот. Ајде прво дел од овие 14 пресуди да се имплементираат. Тоа е нашата позиција поврзана со тоа прашање – рече Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот