Мицковски-Меџити-рамковен договор/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Мицкоски: Да им покажеме на сите дома и надвор дека остануваме верни на патот на мирот и заедништвото

Рамковниот договор нè потсетува на една длабока вистина – а тоа е дека државата ја имаме само ако ја чуваме заедно, порача премиерот Христијан Мицкоски на денешната свечена седница на Владата по повод одбележувањето на 24-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

Тој потсети дека летото во 2001 година беше едно од најтешките во нашата понова историја поради конфликтот, кој, како што рече, ја разниша државата и завладеа страв и неизвесност. Нагласи дека тогаш беше избран пат на компромис и мир, како и дека за тие работи треба да се зборува отворено и без ракавици.

„Дали Македонците беа најсреќни со потпишувањето на Рамквниот договор, убеден сум дека тоа не е така. Чувство на огорченост, гнев. Веројатно такво било чувството и кај Албанците. Системски и тешки реформи, менување на уставот во услови на воен конфликт но да зборуваме отворено – Рамковниот договор 24 години потоа донесе мир, стабилност и очувана унитарност на Македонија. Рамковниот договор не е само лист хартија тој е симбол на зрелост, на храброст и на мудрост. Тој е потсетник дека колку и да се разликуваме по јазик, вера, култура или етничка припадност, сите ние делиме една историја и една заедничка иднина“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека токму различностите се нашата предност како држава. Како и во 2001-та, така и денеска, рече дека сме пред избори кога не треба да дозволиме поделби, туку повторно да го избереме патот на заедништво, почитување и љубов кон татковината.

Споре Мицкоски Рамковниот договор е долго злоупотребуван од страна на поединци.

„Над 20 години имавме структури кои го користат национализмот како најдобра прекривка за заштита на криминалот и личните интереси. Таквиот национализам е последното прибежиште на оние кои направија кариери, стекнаа огромен капитал на грбот на народот кој го делат и врз чии поделби опстојуваат во политиката. Со една рака пишуваат и делат во каков свет ќе се живее, со другата ја крадат земјата, стекнуваат имоти, хотели, трговски центри, скапи возни паркови и не им пречи бојата на парите“, посочи премиерот.

Таквите поделби, според Мицкоски, не ги решаваат проблемите на реалните луѓе кои сакаат само едно – подобар живот за себе“.

„Имаме обврска сите да обезбедиме подобра иднина за граѓаните. Заедно да градиме и заедно да ги решаваме проблемите. Куферите кои си заминуваат немаат националност.

Како политичар не познавам мал или голем свет, ваков или таков, туку само еден свет – Македонија, дом на сите нејзини граѓани каде имаме обврска сите да обезбедиме подобра иднина за сите нејзини граѓани. Заедно да градима и заедно да ги решаваме проблемите. Куферите кои си заминуваат немаат националност. Луѓето си одат, и селата се празнат и Македонци и Албанци и Турци и Роми и Срби и Власи и Бошњаци и сите. Тоа е најдобра порака на народот спрема оние кои повеќе од 20 години манипулираат дека работат за нив, а постојано ги делат, рече Мицкоски.

Натпреварот, посочи тој, не е кој колку може да биде радикален или да се удира во гради со простодушен национализам, туку денеска битката е да ги решиме реалните проблеми, да обезбедиме подобри услови за живот, за работа, просперитет за секој Македонец, Албанец, Турчин, Влав и останатите други наши сограѓани.

„Мирот не е нешто што се подразбира, мирот е нешто што се гради секој ден, бара трпение, бара почит, бара подготвеност да се слушне и другата страна“, порача тој.

Ги повика сите, без разлика на вера, националност, политичка определба или политичка неопределба „да ја избереме државата пред поделбата“.

„Да им покажеме на сите дома и надвор дека остануваме верни на патот на мирот и заедништвото“ , заклучи премиерот Мицкоски во својот говор на свечената седница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот