
Мета и ТикТок добија судски спор против Европската Унија
Компаниите Мета и ТикТок добија судски спор против Европската Унија, во врска со методот на пресметка на надоместокот што им е наметнат според Законот за дигитални услуги (DSA). Одлуката на Општиот суд на ЕУ во Луксембург им даде на регулаторите 12 месеци да развијат нова методологија. Сепак, на технолошките гиганти нема да им бидат вратени парите што веќе ги платиле за 2023 година, објави CNBC.
Препорачано
Спорот настана откако Мета и ТикТок мораа да платат надомест од 0,05% од нивниот глобален годишен нето приход за да ги покријат трошоците на Европската комисија за надзор на спроведувањето на правилата за DSA. Компаниите тврдеа дека методот на фактурирање е неправеден и им наметнува непропорционален товар.
Европската комисија вели дека судската одлука е од „техничка природа“ и нема да влијае на обврската за плаќање надомест. Портпаролката на ЕК изјави дека во следните 12 месеци ќе усвојат нов закон и ќе донесат нови одлуки. Претставниците на Тикток ја поздравија одлуката и најавија дека внимателно ќе ги следат следните чекори на регулаторот, додека Мета рече дека очекува неправилностите да бидат отстранети.
Законот за дигитални услуги стапи на сила во ноември 2022 година и предвидува дека големите дигитални платформи мора активно да отстрануваат нелегална и штетна содржина, ризикувајќи казни што можат да достигнат до шест проценти од глобалните годишни приходи. Покрај Мета и Тикток, надоместокот треба да го платат и Amazon, Apple, Booking, Google, Microsoft, X (порано Twitter), Snapchat и Pinterest.