
Меѓународната ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен 2024“ ќе се одржи во Прилеп
На летната сцена на НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп од 8 до 13 август ќе се одржи 16-тото издание на Меѓународната ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен 2024“ на која ќе учествуваат уметници од земјава и од странство.
Препорачано
– И годинава уметниците ќе работат на слободна тема. Очекуваме да се создадат нови уметнички дела што ќе бидат дел од богатата збирка на Центарот. Создадените дела на годинашната колонија ќе бидат презентирани на изложба во Центарот, а претставување ќе има и во повеќе градови низ Македонија – истакнува Марјан Стојаноски од ликовната дејност на НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп.
На колонијата ќе творат уметниците Петја Ѓеоргиева од Бугарија, Небојша Станков, Среќко Здравковиќ, Јована Ѓуриќ, Немања Вучковиќ од Србија, Радица Лелова, Александар Таневски, Светлана Попова, Суарта Луфи, Ангел Коруновски, Валентина Стеваноска и Слободан Милошески од Македонија и прилепчаните Тони Чатлески, Никола Димески, Марјан Стојаноски и Столе Дурланов.
Ликовната колонија „Марко Цепенков – Дрен 2024“ се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура, а досега збирката на слики и скулптури создадени на колонијата надминува бројка од 400 дела.