
Меѓународна групна изложба на тринаесет авторки ја истакнува важноста на уметничкиот израз во променливиот свет
Националната галерија на Македонија во соработка со галеријата „Арт проект спејс“ (Art Project Space) од Грција ќе ја претстават меѓународната групна изложба со жени – уметници од Македонија, Грција, Србија и Кипар, под наслов „Скриеното трето: Некаде помеѓу присуството и отсуството“.
Препорачано
Изложбата најнапред ќе биде отворена во галеријата „Арт проект спејс“ во Атина на 13 мај и ќе трае до 6 јуни 2025 година. Во октомври, изложбата ќе биде презентирана на македонската публика, а делата ќе бидат изложени во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје. Македонската промоција е планирана од 2 до 25 октомври.
Кураторки на изложбата се д-р Ана Франговска, кустос советник во Националната галерија на РС Македонија, и независната историчарка на уметност од Грција, Ники Папаспиру.
Изложбата се развива во должина на имагинарна оска што се протега од Белград до Никозија, со Скопје и Атина како клучни точки во оваа геополитичка и културна поврзаност. Тринаесетте македонски, грчки, српски и кипарски уметнички ќе претстават дела во медиуми како што се просторни и звучни инсталации, видеа, објекти, слики, цртежи и перформанс. Изложбата создава феминистички простор на соживот, отпор и прекомпонирање, истакнувајќи ја важноста на уметничкиот израз во постојано променливиот свет.
Учеснички на изложбата се Слободанка Ступар, Аница Вучетиќ, Дарија С. Радаковиќ, Анита Аргироилиопулу, Ефи Фурики, Катерина Евангелаκу, Моника Мотеска, Вана Урошевиќ, Дијана Томиќ, Славица Јанешлиева, Клица Антониу, Марина Касианиду, Елина Јоану.
„Скриеното трето“ претставува проширување на проектот „Присутност/Отсутност“, формирајќи мрежа на дијалог помеѓу женски уметнички гласови од Балканот и Медитеранот. Инспирирана од теоријата на Басараб Николеску за меѓусебно поврзана и повеќеслојна реалност, изложбата го третира „скриеното трето“ како средишна сфера на постоење каде што спротивставените поими коегзистираат и се трансформираат: присутност/отсутност, материјално/нематеријално, индивидуално/колективно. Изложбата е проследена со тријазичен каталог.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 280, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11.5.2025)