Изет Меџити / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Меџити се активира – нареди да се затвори дива депонија во Никуштак

Министерството за животна средина и просторно планирање соопшти дека „со одлука на министерот Изет Меџити се затвора нестандардната депонија за отпад во Никуштак“.

Во одлуката, Меџити посочува дека оваа мерка е донесена „со цел заштита на животната средина, животот и здравјето на граѓаните, бидејќи постоечката локација за отстранување на комунален отпад во Никуштак не ги исполнува еколошките стандарди“.

„Одлуката е донесена во согласност со законот за државна администрација и законот за животна средина, почитувајќи го принципот на висок степен на заштита и превенција од штетни последици“, велат од Министерството, додавајќи дека „наредбата стапува на сила веднаш“, но без објаснување на кој начин Меџити, неговиот ресор или државата воопшто ќе ги спречат жителите на регионот да продолжат да фрлаат ѓубре на дивата депонија.

Во Македонија речиси сите депонии, диви или оние кои ги користат општините, се „нестандардни“, односно не ги исполнуваат современите услови за одлагање на отпад. Дополнително, поради тоа што ѓубрето не се селектира, на постоечките депонии завршуваат секакви видови отпад – од органско ѓубре, до пластика, метал и други материи.

Помеѓу селата Никуштак и Орланци, на страната од Скопска Црна Гора кон Липковско, деновиве гореше голем пожар, но тој, според информациите што ги споделија надлежните, не е поврзан со депонијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот