Илустрација / Фото: Pexels / Kampus Production

Маж тврди дека се вратил од мртвите: „Дефинитивно постои задгробен живот“

Реј Катаниа имал 20 години кога „починал“ поради истекување на гас што ја исполнил неговата соба и предизвикал пожар во семејната куќа додека спиел.

„Цела ноќ гасот се собирал во мојата спална соба, а јас сум го вдишувал. Тоа беше голема огнена топка и ѕидот се запали. Татко ми го изгасна со апарат за гасење пожар“, изјавил Реј, кој сега има 57 години, за „Метро“.

Разбуден од звукот на полициските радија и противпожарните возила, Реј се обидел да стане од креветот, но не успеал.

„Воопшто не можев да ги поместам нозете. Тие беа целосно парализирани. Не можев да ја кренам главата од перницата, не можев да викам ниту да зборувам“, се присетил тој.

Што се случува по смртта?

Реј успеал да се извлече со едната рака и паднал на подот, при што си ја удрил главата од штиците. За чудо, не почувствувал болка.

„Не чувствував ништо затоа што повеќе не бев во тоа тело. Бев над него, во аголот на мојата соба и гледав надолу. Можев да го видам моето безживотно тело“, раскажал тој.

Непознато суштество го повикало

„Собата беше совршен квадрат. Боите беа живи и светли, сè беше поживо, како да се префрлам од стар телевизор на висока резолуција. Можев точно да ви кажам каква тренерка носев. И бев целосно мокар, бидејќи првото нешто што го правиш кога ќе умреш е да се намокриш“, раскажал тој.

Наспроти него, во друг агол, вели, имало светлина.

„Тоа беше огромна бела светлина во облик на конус, но не само светлина. Тоа беше сѐ. Тоа беше љубов, безболност, мир, радост, просветлување. Не беше одвоена од мене. Бев дел од неа“. рекол тој.

Непознато суштество го повикало во конусот и Реј почувствувал еуфорија.

„Никогаш не сум се чувствувал толку добро како во тој момент. Мислам дека никогаш повеќе нема да се чувствувам така додека не се вратам на Светлината“, додал тој.

Сепак, додека Реј се приближувал кон суштеството кое го повикувало, го видел татко му како влегува во собата и го крева неговото тело од подот.

„Тој врескаше барајќи болничари. Вознемирен, со солзи во очите“, се присетил тој.

Следното нешто на кое Реј се сеќава е дека во приземјето на куќата, во дневната соба, болничарите го реанимирале.

Пожарот не бил неговата прва средба со смртта

Реј целосно се опоравил, но подоцна дознал дека неколку пати повторно „умрел“ на патот кон болницата. Кога на семејството и пријателите им раскажал за своето вонтелесно искуство, тие го отфрлиле како „нешто лудо“. Со години им верувал, иако пожарот не бил неговата прва средба со смртта или задгробниот живот.

Кога имал десет години, Реј бил фатен од подводна струја додека пливал на плажата Вајлдвуд во Њу Џерси.

„Почнав да паничам кога едно суштество ми рече: ‘Смири се, пливај настрана, одвој си колку време ти треба’. Така и направив, а подоцна дознав дека така се извлекуваш од подводна струја“, раскажал тој.

Години подоцна, додека работел во еден бар во Њујорк, Реј избегнал пукање откако, како што тврди, „мистично суштество“ му покажало излез од опасноста.

Имало и други визии и искуства за кои Реј со години не знаел што значат. Дури кога на четириесет години запознал еден медиум, кој му објаснил како видовитите луѓе гледаат на животот и смртта, Реј почнал понатаму да истражува. Се школувал за метафизички советник, практика која користи духовни принципи и интуитивни практики за да им помогне на луѓето да ги решат своите проблеми, и напишал книга за она што го видел.

„Дефинитивно постои задгробен живот. На крајот на денот, сите сме едно, сите сме дел од оваа Светлина“, изјавил тој.

Потрага по докази за задгробен живот

Реј е само еден од луѓето кои учествуваа во Анкетата за искуства на задгробен живот, која ги истражува искуствата блиски до смртта.

Анкетата ја спроведоа Брендон Масуло од болницата „Вустер комјунити“ и Џејмс Хоуран од „Интегрејтед нолеџ системс“, а двајцата разговараа со многу „искрени луѓе со добро помнење“ за да ги добијат нивните приказни.

„Ова е студија чија цел е да опфати луѓе од целиот свет кои имале необични искуства за кои мислат дека би можеле да бидат доказ за задгробен живот. Ние тестираме некои тајни хипотези, но мислиме дека различните искуства покажуваат мета-обрасци кои никој сè уште не ги истражил или можеби дури и не ги насетил“, објаснил Џејмс.

Науката нуди неколку објаснувања за искуствата блиски до смртта. Недостатокот на кислород може да предизвика тунелски вид, силни светла и еуфорија, додека акумулацијата на јаглерод диоксид може да предизвика халуцинации и чувство на напуштање на телото. Исто така, активноста во темпоралните лобуси на мозокот може да произведе религиозни сензации, а порастот на невротрансмитери може да ја објасни смиреноста и еуфоријата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот