Матичните лекари на штрајк: Не сме ние телефонски оператори, туку доктори

Претседателката на Здружението на приватни матични лекари, доктор Лилија Чолакова Дервишова вели дека денеска од 11 часот сите приватни матични лекари ќе штрајкуваат затоа што од „Мој термин“ (управата за електронско здравство) без најава добиле наредба да верификуваат мобилни телефони на пациентите пред да им биде овозможено да ги прегледаат. Системот „Мој термин“ според докторката, утринава не дозволувал да се изврши прегледот на пациентите, дел од кои повраќале, имале грип и други болести – сè додека не се изврши автентикација на мобилниот телефонски број на пациентот.

-Од 11 до 12 денеска нема да работиме ние приватните доктори специјалисти во знак на револт за оваа реформа што без никаква најава ни ја наложи „Мој термин“. Не ни е дозволено да прегледуваме туку прво на влегување на пациентот во ординацијата, треба да му го верификуваме мобилниот телефон. Не сме ние телефонски оператори, туку доктори и вака нема да работиме. Ми доаѓа пациент кој повраќа, му се врти во главата и јас треба прво да му кажам „чекај да ти го проверам телефонскиот број“? Па се добива повратен смс-код за верификација, па за секој пациент се чекаат две минути, па дури тогаш можам да издавам упати и да работам. Ова не го прифаќаме и нема да го работиме. Ова е работа на администратори, а не на лекари – изјави за „Слободен печат“ доктор Чолакова Дервишова. 

Според неа, денеска „Мој термин“ решил да ја тестира оваа нова карактеристика со верификација на телефонските броеви на пациентите.

-На 3 март планираат ова да го воведат во системот целосно. Дел од пациентите не носат мобилни телефони. Дел од нив се возрасни, немаат и не знаат да користат мобилни телефони. За трети пациенти, комшиите нивни се јавуваат за нив зашто немаат мобилен. А не може ни упат да се издаде без да се верификува мобилниот телефон. Ова не личи на ништо. Денеска превентивно ќе запреме со работата и нема да работиме додека системот не се врати на старо. Ние сме доктори, доктор треба да лекува, а не да изигрува администратор. Ако пациентот не го носи телефонот, може да се лекува сам и не можам да издадам ни упат ни лек да препишам – ни рече таа.

Во Министерството за здравство таа веднаш го алармирала заменик-министерот, кој не бил запознаен со реформата.

„Слободен печат“ се обрати до директорот на Управата за електронско здравство „Мој термин“, Фикрет Шабани. Тој вели дека телефонските броеви на пациентите мора да се ажурираат затоа што има програми за скринин за карцином на дојка, на кои 50 проценти од жените што биле контактирани не се јавиле, најверојатно поради неажурирани податоци. Директорот Шабани вели дека опцијата за ажурирање на мобилните телефони на пациентите е опционална и не е точно дека матичниот лекар не може да работи ако не го ажурира мобилниот телефон на пациентот. Шабани вели дека може да се издаваат и упати и рецепти дури и ако мобилниот телефон е неажуриран.

-Дезинформација е дека ако не го ажурираат мобилниот телефон на пациентот, не можат да работат и да издаваат упати и лекови. Оваа нова функционалност е опционална. Верификацијата на телефонските броеви се прави зашто со години оваа алатка не функционира како што треба. На пример, последниот извештај што го имам за скрининг програмата за карцином на дојка покажува дека 50 проценти од контактираните жени на возраст од 40 до 60 години не добиле порака дека им следува ваков скрининг. Ние мора тоа да го поправиме, а матичните лекари имаат опција да работат дури и ако не можат навремено да ги ажурираат телефоните на пациентите, ни рече Шабани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот