Фото: Слободен Печат

Мартиновски: Решенијата од АСНОМ се вертикали врз кои се гради македонската култура, наука и образование

По повод 80 годишнината од прогласувањето на македонскиот јазик како службен, денеска се одржа свечен час организиран од страна на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

На свечениот час се обратија деканот на Филолошкиот факултет проф. д-р Владимир Мартиновски, раководителката на Катедрата за македонски јазик, проф. д-р Искра Пановска-Димков, и професорите Емилија Црвенковска и Димитар Пандев.

Според деканот Мартиновски, решенијата донесени на Првото заседание на АСНОМ се „вертикали врз кои се гради македонската култура, наука и образование“.

– Огромна е честа што денеска салата за седници на Филолошкиот и Филозофскиот факултет е претесна поради значењето, големината и тежината на овој свечен час посветен на еден исклучително значаен јубилеј – 80 години од прогласувањето на македонскиот јазик како службен јазик на Првото заседание на АСНОМ. На нашиот факултет прославивме безброј јубилеи кои немаше да бидат возможни без првото заседание на АСНОМ, кога македонскиот јазик се прогласува за службен јазик – рече проф. д-р Владимир Мартиновски кој воедно ги најави и следните активности кои ќе се одржуваат во текот на денот.

Прогласувањето на македонскиот јазик како службен јазик се смета и како „втор Илинден“, посочи во своето обраќање и раководителката на Катедрата за македонски јазик, проф. д-р Искра Пановска-Димков, која го цитираше Конески:

– Појавата на нашиот литературен јазик дојде како природен резултат од нашиот национален развиток во новото време. Дојде како виден израз за оние процеси што се извршуваа во животот на нашиот народ и што го обусловуваат неговото оформување во современа нација.

Фото: Слободен Печат

Професорот д-р Димитар Пандев, преку презентација насловена „АСНОМ и македонскиот јазик“ даде историски осврт околу АСНОМ, теоријата на Блаже Конески за „Стилски синтези“, делото „За Македонцките работи“, како и сите значајни лингвисти кои придонеле за литературна употреба на јазикот.

По неговото излагање, се обрати и проф. Емилија Црвенковска која зборуваше за значењето на АСНОМ, македонскиот јазик и просветата и се фокусираше на четири решенија на АСНОМ.

– Првото е, кога Македонија станува државотворна и македонскиот јазик државотворен, тоа повлекува и понатамошна кодификација на она што е прогласено за службен јазик – втората одлука на АСНОМ. Трето и многу важно е Декларацијата за еднаквост меѓу народите што живеат на територијата на Македонија, и четвртиот аспект е просветата односно образованието. Оттогаш започнуваат првите училишта на македонски јазик, уште за времето на НОБ, на слободна територија. Со неверојатна брзина се реализирало зацртаното, во првите шест месеци веќе се формирани основни училишта, гимназии и Одлуката за универзитет каде што токму денеска се наоѓаме и чиишто корени се во АСНОМ-ските решенија – изјави проф. Црвенковска.

По завршувањето на свечениот час, присутните имаа можност да ја разгледаат изложбата по повод 80 годишнината од прогласувањето на македонскиот јазик како службен јазик, која беше организирана од Државниот архив, насловена „АСНОМ – израз на суверената волја на македонскиот народ за остварување на неговото право на самоопределување“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот