
Маркоски: Со цврста одбрана да дојдеме до нова победа и историски европски трофеј
Ракометниот клуб Алкалоид е пред историски меч во кој може да ја освои својата прва европска титула.
Препорачано
Во недела во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, со почеток од 20.30 часот, ќе се одигра реванш натпреварот од финалето на ЕХФ Европскиот Куп помеѓу Алкалоид и АЕК Атина.
Првиот меч од финалето одигран во Грција, заврши со победа на Алкалоид од 29:25, тоа е резултат што треба да биде одбранет за конечен триумф во ова натпреварување.
На прес-конференција своите очекувања ги споделија голманот на РК Алкалоид Иван Галевски и ракометарот Никола Маркоски.
– АЕК е една искусна и доста квалитетна екипа, со играчи етаблирани во светскиот ракомет. Иако имаме плус четири, нема да биде воопшто лесно, затоа што знаеме каква екипа доаѓа во Скопје. Имаме позитива која ја немавме на гостински терен, тоа е нашата публика. Знам дека ако сме добри, ако го спроведеме тоа што ни кажува тренерот, можеме да се радуваме и да освоиме европски трофеј што не е мала работа за нас, за клуб кој постои четири години – изјави Галевски.
Алкалоид е непоразен на домашен терен сезонава во ЕХФ Европскиот куп, победувајќи на сите пет досегашни мечеви.
– АЕК е една одлична екипа составена од добри играчи. Иако има минус четири, верувам дека ќе направат се да се покажат во најдобро светло. Наше е да ја играме нашата игра како и претходно. Се подготвуваме, да ги намалиме техничките грешки и со цврста одбрана да дојдеме до нова победа и историски европски трофеј – рече Маркоски.
Лазаров: Имаме одлични „плус четири“, треба порелаксирано да го дочекаме реваншот против АЕК