
МАМАВИЗИЈА | Турунџиева: Животот сакаше ќерките да ги растам сама
Во првиот брак кратко откако се реализирала како мајка на Лора, дошло до развод после кој таткото Александар Маленко едвај бил вклучен во растењето на детето. Во вториот брак со нејзината голема љубов Марјан ја добила втората радост, Матеја, но животот одлучил да остане без сопруг. Во денешната епизода на емисијата „Мамавизија“ на „Слободен печат“ нашата хероина е Сузана Турунџиева, водителка, музичарка, авторка на неколку книги, креативец, полна со елан.
Препорачано
-Ми требаа денови и месеци да го составам животот пред и потоа, да ја составам Матеја, која беше сведок на тој настан, немил, бидејќи беше сама со него во моментот на смртта. Беше многу малечка за да може да разбере, зашто се случуваат такви работи. Првите година дена што и да правевме, каде и да одевме, каде и да излегувавме од дома, таа се грижеше да бидат со мене лековите кои ги пиеше татко ѝ, за евентуално и мене да не ми се покачи притисокот или за евентуално и мене да не ме снајде истото што го снајде и него – вели Турунџиева.
По тешките денови да ја изведе првата ќерка на прав пат сама, пред неа се издигнал нов предизвик, потежок од првиот.
-Сигурна сум дека, ден денеска, кај Лора тој недостиг од другиот родител влијаел многу, во сè понатаму што во животот ѝ се случувало, и сигурна сум колку многу страдала потајно во себе заради тоа што не беа во некакви блиски релации, чести релации, сè беше повремено и така, одвреме навреме. Животот сакаше и во едната и во другата прилика да ги растам сама – рече таа.
На јавноста ѝ се познати некои од тешките моменти во животот коишто ги минала Турунџиева, но овој пат со неа разговараме од агол на мајка, со што сè се соочила, како ги пребродила најтешките моменти во животот. Што научила од сопственета мајка Блага, која воопшто немала лесен живот.
Гледајте ја вечерва со почеток во 20 часот новата епизода на емисијата „Мамавизија“’ чиј водител и автор е Александра Вуксановиќ.