
МАМАВИЗИЈА | Лупевска: Не бев толку дебела, колку што бев трудна!
Една од најхрабрите македонски новинарки, Снежана Лупевска Созен, е наша гостинка во денешната емисијата „Мамавизија“. Таа го раскажува животот на една мајка во мешан брак, на јавноста ѝ е познато дека нејзиниот сопруг е Турчин, и за тоа какви реакции добивала за одлуката да стапи во брак со човек од друга националност и религија.
Препорачано
Лупевска, која станала мајка на 42 години по природен пат, во емисијата отворено раскажува за нејзината бременост и за ситуациите со кои се соочила како жена.
– Пред да останам бремена со Микаил имав два спонтани абортуси и третиот пат кога останав бремена многу се плашев и бев посебно внимателна, дури и премногу одев на лекар, со душа ги чекав контролите. До четвртиот месец не кажував на работа дека сум бремена, но имаше ситуации кога некои од гостите ми регираа дека многу сум се здебелила. Се сеќавам една гостинка пред емисија ми рече: „Леле Жане, што си направила ти со себе? Многу си се здебелила! И за прв пат тогаш кажав дека не сум толку здебелена, колку што сум бремена – вели Лупевска за „Мамавизија“.
Во емисијата таа сподели еден навистина интересен, но во исто време и сериозен момент.
– Одев нормално на работа, имав уредна бременост, но има еден момент кој го раскажувам како анегдота. Бев во осмиот месец од бременоста и водев „Топ тема“, во тој период беа актуелни „бомбите“, гостин ми беше Талат Џафери и неколку колеги новинари. Паметам беше жестока дебата, по што ми се јави гинекологот за да ми каже другпат да внимавам и да не викам вакви гости во програма бидејќи сум пред породување. Потоа се шегував и му велев на г. Талат Џафери дека ми е забрането од лекар да го викам во емисија – вели Лупевска.
Погледнете ја целата емисија премиерно вечерва во 20 часот на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.
Водител и автор на емисијата е Александра Вуксановиќ.