
МАМАВИЗИЈА | Кикириткова: Сите си заминуваа од болница со транспортерите со бебе, ние со празни раце
Во новата, деветта епизода на „Мамавизија“, нашата хероина е мајката Маја Кикириткова. Познатата модна дизајнерка отворено раскажува за нејзиниот стресен период и за време на првата и за време на втората бременост. Ѝ се случувал истиот проблем, обилно крвавење поради одлепување на плацентата, па затоа и синчето Лазар и ќеркичката Ева морала да ги роди предвреме.
Препорачано
– Имав уредна бременост, одев и на јога, посетував редовни контроли, сè беше во најдобар ред, сè до денот 22 декември. Сопругот беше на предновогодишна забава, јас дома сама, забележав дека крвавам обилно. Му се јавив на д-р Тофоски, кој слободно ќе го наречам мојот спасител. Тој ми рече брзо да одам во болница кај него и по прегледите ми соопшти дека мора да го извадиме бебето. Бев во паника затоа што беше многу рано, но тој кажа дека процедурата е таква и дека во спротивно е многу ризично и за мајката и за плодот. Тоа беше во 18 часот, за два часа веќе бебето Лазар беше дојдено на свет – раскажува Кикириткова за „Мамавизија“.
Нејзината мака продолжила, таа и бебето останале во болница, едвај го гледала одвреме-навреме преку инкубатор без да го допре.
– Паметам, само еднаш му ја допрев раката и тоа преку опрема, заштитна, бидејќи треба да се внимава да не им се пренесе некаква бактерија од надвор, тоа се кревки суштества, штотуку родени. Беше во инкубатор, а на 27 декември, на мојот роденден ми рекоа дека можам да си одам, но со празни раце. Сите си заминуваа од болница со транспортерите со бебе, само ние со празни раце. Тоа ми беше најлошиот роденден – вели таа.
Кикириткова во емисијата раскажува и за убавите и интересни моменти во нејзиното семејство откако е мајка.
Погледнете ја целата „Мамавизија“ премиерно вечерва со почеток во 20 часот на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.
Водител и автор на емисијата е Александра Вуксановиќ.