
МАМАВИЗИЈА | Христов: По спонтан абортус, неуспешни инсеминации и неуспешно ин витро, останав бремена на одмор
Вечерва излегува новата емисија „Мамавизија“, каде што гостинка ни е фотографката и инфлуенсерка Стефани Христов. Таа е мајка хероина која, заедно со нејзиниот сопруг, поминала шест години тежок период по болниците за да добие дете.
Препорачано
По многуте обиди природно да забремени се упатиле кон лекарите да откријат во што е проблемот. Биле на консултација кај неколку доктори, само еден од нив им рекол да продолжат да се обидуваат природно, останатите ги советувале да одат директно на ин витро.
– Првиот пат додека ги собиравме документите за ин витро, ние постојано се обидувавме и спонтано да забременам, тогаш се случи да завршам на ургентен, поради обилно крвавење. Јас мислев дека ми се случува нешто со циклусот, но таму ни рекоа дека сум имала спонтан. Не ми се веруваше дека сум била бремена по природен пат. Тоа беше голем шок и стрес, но на некој начин ни даде и надеж дека сепак можеме да имаме бебе и по природен пат – вели таа.
И покрај обидите, тоа не се случувало, па Христови одлучиле да се обидат со ин витро, кое за жал завршило неуспешно.
Стресниот период барал опуштање и одлучиле да заминат на одмор без да си прават каков било притисок околу забременувањето.
– Дојде лето и решивме малку да ставиме пауза на овој план. Си рековме дека тоа е животот, можеби така треба да биде. Поминавме многу тие шест години и ни требаше малку опуштање и релаксација. Заминавме на одмор и таму се случи јас да останам бремена по природен пат. Ми требаше време да поверувам во тоа, неколку пати правев тест за да се уверам – вели Христов за „Мамавизија“.
Погледнете ја целата емисија премиерно вечерва во 20 часот на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.
Водител и автор на „Мамавизија“ е Александра Вуксановиќ.