Кристи Рајчел Магно Трајкоски -Филипинка/ фото: Слободан Ѓуриќ/ Слободен печат

МАМАВИЗИЈА | Филипинката Кристи Рејчел Трајкоски открива како е да се биде мајка странец во Македонија

Во новата „Мамавизија“ ви носиме вистинска приказна за мајка странец во Македонија. Филипинката Кристи Рејчел Магно Трајкоски е мајка на Кристофер и Бјанка. Таа е вистинска хероина која поради љубовта го напуштила родниот крај и одлучила да живее во туѓа земја за којашто дотогаш не ни чула – Македонија. Денес Македонија за неа е дом.

Нивната љубов има кодно име „брод“. Зошто? Бидејќи со нејзиниот сопруг Бојан од Македонски Брод се запознале работејќи на истиот брод закотвен во Америка. Па така, Филипинка и Македонец од брод се преселуваат во Македонски Брод. Таму живеат неколку години.
Мајката хероина Кристи вели дека не ѝ било лесно на почетокот кога се преселила овде, бидејќи не го знаела јазикот, не познавала никого освен сопругот и неговото семејство.

-Од милионски град како Манила јас се преселив во мало место со неколку илјади жители. На почетокот ми беше многу чудно и тешко ми беше да се навикнам, но постепено ја засакав таа природа и мир. По две години се роди Кристофер, тогаш животот ми се промени и доби смисла. Полека почнав да го разбирам и македонскиот јазик, ги запознав и луѓето, дури почнав да организирам и одредени настани. Многу ми се допаѓаат луѓето од Македонски Брод. Кога дојде ред Кристофер да се запише на училиште одлучивме да се преселиме во Скопје, поголем град со повеќе можности – вели за „Мамавизија“ Трајкоски.

Таа ни раскажа дека е многу интересно како нивните деца ги добиле имињата.

 

-Кога живеевме на брод Бојан секогаш ме задеваше и ми го менуваше името, како што правите тука вие на галено, па често ме викаше Кристофер. Еднаш, се сеќавам му реков: „ОК, кога ќе имаме бебе ќе го крстиме Кристофер“. Бјанка, пак го доби името на тој начин што баравме женско име со првата буква на татковото име, Бојан – вели нашата соговорничка.

Таа во емисијата раскажува и за тоа колку ѝ била интересна македонската свадба, за тоа дека со второто дете се породила предвреме, но и за доброто искуство со докторите овде во Македонија. Ни открива дека во текот на бременоста ѝ недостасувала храната карактеристична за нејзиното поднебје.
Денес таа е натурализираната Македонка која има лична карта, пасош и возачка дозвола издадени од МВР на Македонија.

Дознајте повеќе за животот на една мајка странец во Македонија, од вечерашната гостинка на Александра Вуксановиќ, водител и автор на емисијата „Мамавизија“. Десеттата епизода се емитува премиерно вечерва со почеток во 20 часот на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот