
Малиот Илче веќе неколку дена јаде од лажичка, а не преку сонда на Детска Клиника
Неговата позиција не е повеќе ,,фетус” позиција како кога беше донесен на Детска клиника, туку е легнат на грб и сите максимално се грижат за него.
Значително е подобрена состојбата на единаесетгодишниот Илче, момчето со церебрална парализа кое беше напуштено од двајцата родители и заборавено од социјалните служби со години, додека не заврши во крајно лоша состојба на подот од една соба во охридската куќа, каде со денови се хранел со по само една чаша млеко.
Препорачано
Како што тврдат од Детската клиника за ,,Слободен печат”, Илче повеќе не се храни со сонда туку со лажичка, комуницира и е во многу добра состојба. Неговата позиција не е повеќе ,,фетус” позиција како кога беше донесен на Детска клиника, туку е легнат на грб и сите максимално се грижат за него. Иако не зборува, сепак им дава знаци на медицинските работници кои се грижат за него, следи што се случува на телевизија и не е агресивен.
По закрепнувањето за него е обезбедено сместување во мал групен дом во Демир Капија.
-Илче се уште е на Клиниката за детски болести. Лекарите и сестрите од нашата Клиника, проценуваат дека општата здравствена состојба и нутритивниот статус се многу подобрени. Направивме план за исхрана, кој се спроведува во неколку фази, од интравенска хидрација, ентерална исхрана преку назогастрична сонда, а најважно е дека почна адаптација на перорална исхрана или ја прима храната со лажичка. Нутриционистот од Клиниката направи мени со хиперкалориска исхрана со пресметан калориски внес. Илче сега се храни преку уста, ги јаде оброците, пие течности. Се радува на благите вкусови, го сака овошјето и хиперкалориската храна со вкус на овошје. Сака да гледа телевизија, се радува на присуството на сестрите кои го негуваат, позиционираат и хранат. Сака кога му зборуваат. Клиничкиот психолог работи со Илче, се спроведуваат вежби со физиотерапевт. Згрижувањето на Илче понатаму ќе го регулираат социјалните служби. Би било добро Илче продолжи да живее со семејство кое ќе може да се грижи за дете кое има здравствени проблеми, значи предлогот на социјалните служби за сместување во мал групен дом би бил многу прифатлив, бидејќи нема потреба од исхрана преку назогастрична сонда и нема потреба од специфични медицински интервенции. Предностите на малите групни домови за психо социјалните аспекти на развојот на децата се значителни, вели директорката на Клиниката за детски болести доктор Наташа Алуловска за ,,Слободен печат”.
Малиот Илче закрепнува на Детска Клиника со висококалорична исхрана