Макрон: Навистина мислам дека нашата Европа може да умре

Макрон на средба со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер/Фото: EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Емануел Макрон ја започна првата државна посета на француски претседател на Германија во последните 24 години со топли зборови за своите домаќини.

„Француско-германските односи се клучни и важни за Европа“, рече Макрон на почетокот на неговата тридневна државна посета на Германија.

Тој ја отфрли сугестијата дека односите меѓу двете земји, често опишани како мотор на Европа, почнале да слабеат. По слетувањето во Берлин, Макрон веднаш отпатува во владиниот кварт за да се сретне со претседателот Франк-Валтер Штајнмаер и да присуствува на фестивал на тема демократија.

Штајнмаер му посака добредојде на Макрон и неговата посета ја нарече „доказ за длабочината на француско-германското пријателство“. Тој рече дека и покрај тоа што понекогаш се разликуваат по поединечни политички точки, Берлин и Париз секогаш „постигнуваат договор на крајот“.

„Ако Германија и Франција се обединети, тогаш во Европа се уште може да се постигне многу“, рече тој, пренесе германската агенција ДПА.

Макрон ја истакна и важноста на европските избори во јуни и ја нарече Европската унија бранител на демократијата и заедничките вредности.

Европските избори, за помалку од две недели, и потврдата за важноста на француско-германските односи за придвижување на ЕУ напред ќе бидат во центарот на патувањето што ќе го однесе во различни региони на земјата.

„Мислам дека доживуваме егзистенцијален момент во нашата Европа, бидејќи навистина мислам дека нашата Европа може да умре“, рече Емануел Макрон, пренесе француски АФП.

„Постои форма на фасцинација со авторитаризмот што се раѓа во нашите демократии (…) што исто така го храни национализмот и крајностите на нашиот континент“, посочи тој.

„Каква би била оваа Европа доколку со неа владееја националисти во последните години“, праша Макрон и одговори дека „немаше да имаме вакцина (…), европски план за закрепнување, капацитет да одговориме на миграциските предизвици во Европа, не би имале Европски зелен договор и капацитет за управување со декарбонизацијата“.

„Би ја напуштиле Украина за да ја поддржиме Русија, која ја поддржуваат сите националисти во нашите земји, и затоа приказната нема да биде иста“, тврди францускиот лидер.

„Поради сите овие причини, важно е да се гласа за Европејците“, заклучи Емануел Макрон, повикувајќи на „борба“ за демократија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот