
Макрадули апелира претпријатијата да аплицираат за субвенции за филтри на оџаците
Малите и средните претпријатија од Полошкиот регион да аплицираат за субвенционирање со цел да добијат филтри за оџаците од системите за затоплување, апелира заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули од Тетово каде беше во посета на фабриката за мебел „Њу дизајн”.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Фирмите имаат можност до 23 септември да се јават на повикот на Министерството во рамки на имплементација на планот за чист воздух.
– Повикот е во рамки на имплементација на планот за чист воздух откако мината година на предлог на граѓанската организација Еко Герила дојде до иницијатива за поставување филтри на мали и средни претпријатија кои дел од отпадот го користат за затоплување. Исто времено дадовме 5,2 милиона денари за општина Тетово за објект каде треба да биде заменето затоплувањето. Средствата се префрлени и очекуваме да изберат некој јавен објект. Целта е што помалку објекти да загадуваат. Има и други иницијативи сите јавни институции да не загадуваат и да го заменат мазутот со друг начин на затоплување. Веруваме дека процесот полесно ќе тече и со гасификација, рече Макрадули.
Во проектот е предвидено да бидат опфатени 30 фирми според одредени критериуми, а вредноста на субвенциите е 2,5 милиони денари.
– Со ова се бориме со самиот извор на загадување. Задоволни сме што Владата одлучи да ги субвенционира фирмите, а ние како организација ќе бидеме од техничка помош околу документацијата. Би сакале да биде продолжен рокот зашто фирмите се уште не разбрале, истакна Аријанит Џафери од Еко Герила.