
Макпрогрес: Фабриката ќе ја обновиме, вработените ќе ги прераспоредиме со цел да ги задржиме на работа
Менаџментот на компанијата „Макпрогрес“ од Виница, каде што во пожар изгореа два магацина и еден производствен погон, преку соопштение до јавноста им се заблагодари на сите кои учествувале во гаснењето на пожарот и порача дека фабриката ќе биде обновена, а сите вработени кои физички ги изгубиле своите позиции ќе бидат задржани.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Фабриката Винчини ќе ја обновиме, имаме кадар и знаење за тоа. Потребно ни е време за тоа, време во кое ќе направиме план за консолидација на производните линии кои останаа во функција, а со крајна цел сите вработени кои изгубија свои работни позиции да бидат прераспоредени и задржани“, се наведува во соопштението.
Компанијата додаде дека продажните цени на производите ќе останат ниски и достапни за потрошувачите, а некои ќе бидат дополнително намалени за поттикнување поголема продажба.
„Заедно со Стопанската комора и сите ланци на маркети ќе направиме напори вработените да бидат ангажирани и работните места задржани. Благодариме за сета поддршка и солидарност“, се вели во соопштението.
Во пожарот целосно изгоре еден производствен погон со три автоматизирани линии за производство на наполитанки, вафел барови и тортички, како и два магацина – еден за суровини и еден за готови производи.
„Најважно е дека немаше човечки жртви – сите наши вработени беа безбедно евакуирани, како и дека нема повредени меѓу противпожарните служби. За време на интервенцијата 12 лица беа хоспитализирани – тројца пожарникари и девет наши вработени. Денеска тим од Макпрогрес ги посети хоспитализираните и им посака брзо закрепнување“, додаваат од менаџментот.