
Македонските граѓани нема да бираат која вакцина против ковид-19 ќе ја примат, прва ќе дојде од Фајзер
Граѓаните нема да имаат можност да изберат која вакцина ќе ја примат за ковид-19 во Македонија, произлегува од одговорот на Министерството за здравство на нашето прашање дали ќе може граѓанинот самиот да одлучи за производителот чија вакцина ќе ја прими како заштита од опасната болест.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во писмото што државава го доби од Ковакс механизмот, наведено е дека во нашата земја прво ќе стигне вакцината на производителот Фајзер, а во понатамошните пратки можно е преку ковакс да ја добиеме и вакцината на Астра Зенека.
„Вакцините против ковид-19 се безбедни, тестирани, проверени и развиени на безбеден начин, исто како и сите други вакцини кои денес ги користиме. Апсолутно нема никаков ризик од вацинацијата и Министерството за здравство апелира индицираните групи да ја примат вакцината. Примарна цел на вакцинацијата е заштита на населението и пред се намалување на евентуален смртен исход од заболувањето со ковид. Искуството од почетокот на пандемијата покажа дека повозрасните граѓани и хронично болните се во голем ризик и тие би требало први да се вакцинираат и во голем број. Министерството за здравство во директни преговори со производителот Фајзер обезбеди 800.000 од нивните вакцини. Во писмото кое го доби од Ковакс механизмот, е наведено дека во нашата земја прво ќе стигне вакцината на прозводителот Фајзер, во понатамошните пратки можно е преку ковакс да ја добиеме и вакцината на Астра Зенека“, ни одговорија од Министерството за здравство.
Според статистиките на Министерството за здравство, 60 проценти од здравствените работници би се вакцинирале против ковид-19. Доколку се вакцинираат здравствените работници тоа ќе влее голема доверба кај граѓаните. Првите 5.860 дози од фајзеровата вакцина ќе пристигнат во февруари.Во март треба да стигнат уште 17.550 и уште најмалку толку во април.
Се очекува датум кога ќе пристигнат и 833 илјади дози преку ковакс механизмот. Први ќе се вакцинираат здравствените работници, повозрасните лица и хронично болните, а потоа сите граѓани. Вакцината ќе биде бесплатна за сите.