Македонскиот писател Иван Шопов е добитник на наградата „Алеко“ во Бугарија

Годинашен победник на Меѓународниот конкурс за хумористичен расказ „Алеко“ за 2022 година е македонскиот писател Иван Шопов. На конкурсот пристигнале 104 раскази на 42 автори од 21 земја, a жири-комисијата во состав Јордан Ефтимов, Михаил Вешим и Румен Белчев, за најдобар го избрала расказот „Географски откритија“ на Шопов.

„Алеко“ е меѓународен конкурс кој се одржува во Бугарија од 1966 година до денес, со краток прекин на почетокот на 1990-тите години. Организатори на конкурсот се Општина Свиштов, Меѓународната фондација „Алеко Константинов“ и хумористичниот весник „Стршел“.

Наградата била врачена на 13 јануари, роденденот на бугарскиот писател Алеко Константинов, на свечена церемонија во Свиштов, во рамки на одбележувањето на 160-годишнината од раѓањето на Константинов.

Писателот Иван Шопов (1987, Скопје) дипломирал Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Ги објавил збирката раскази „Азбука и залутани записи“ (2010), за која ја добил наградата „Новите!“ за најдобар дебитантски прозен ракопис, збирката песни во проза „Меше на годината“ (2012), збирката раскази „091 – антиразгледници од Скопје“ (2018), збирката сатирични текстови „Хрониките на Арслан Новинарски“ (2018) и мини-книгата „Осум наративни прошетки со фиќо или што научив за пишувањето од Застава 750“ (2019).

Пишува и поезија и хаику. Расказите и песните му се преведени на англиски, романски, чешки, српски, хрватски, германски, словенечки и бугарски јазик, извести Ненад Стевовиќ од издавачката куќа „Или-Или“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот