Пандора Апостолоска Саздовска и Анастасија Саздовска

Македонски визуелни уметници учествуваат на групна изложба во центарот „Тагус“ во Кина

Визуелните уметници Пандора Апостолоска Саздовска и Анастасија Саздовска се поканети од кураторот Ки Луо да бидат учесници на 22-та интернационална изложба во изложбениот центар „Тагус“ во Република Кина.

Насловот на изложбата е „Симбиоза“ и ќе трае до јуни 2025 година. Истата изложба подоцна ќе патува во галерии и музеи во осум држави, и тоа Португалија, Романија, Монголија, Шпанија, Италија, Грција и Австрија, а ќе трае од јуни до декември 2025 година.

По завршувањето на изложбата делата на македонските авторки Пандора Апостолоска Саздовска и Анастасија Саздовска ќе бидат изложени во Амбасадата на Република Северна Македонија во Кина.

Пандора Апостолоска Саздовска е визуелен уметник, активист и истражувач. Во 2004 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности, отсек сликарство со реставрација и конзервација. Уметничката практика на Пандора Апостолоска Саздовска е насочена кон меѓучовечките односи истражувајќи ги аспектите на војната и насилството како политички и социолошки феномен.

Во нејзината богата творечка кариера има реализирано изложби во музеи, галерии и центри за современа уметност, вклучувајќи го Музејот за современа уметност во Македонија, Националниот музеј во Индија, Музејот на Марк Ротко во Латвија, Центарот за современа уметност во Абу Даби, Универзитетот за уметност и дизајн во Аман, Јордан, Универзитетот во Шаржа, ОАЕ, Уметничкото биенале во Малезија, 19. Азиско биенале во Бангладеш, 58. Биенале за архитектура во Венеција, како и во Шпанија, Мароко, Тунис, Саудиска Арабија, Швајцарија, Австрија, Белгија, Германија, Хрватска, Словенија, Русија, Кореја, Катар, Азербејџан и на други места.

Нејзините дела се наоѓаат во престижни јавни и приватни колекции, вклучувајќи владини институции, амбасади, музеи и галерии. Во 2017 година беше визитинг професор на катедрата за визуелни уметности на Универзитетот за уметност и дизајн во Шаржа, Обединети Арапски Емирати, и во 2023 беше визитинг професор на Универзитетот во Јемен.

Анастасија Саздовска се занимава со мултимедијална уметност, инсталација, филм, фотографија, графички дизајн, како и со пишување кратки филозофски текстови, поезија и проза. Нејзината уметничка работа се фокусира на истражување на човечкиот идентитет и неговите флуидни форми низ призмата на филозофијата, антропологијата, лингвистиката и политиката.

Досега има работено на активистички проекти, поетски читања и изложби во Македонија, Србија, Австрија, Шпанија, Обединетите Арапски Емирати и на други места. Студент е на Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот